Во тетовската гимназија нафтата се потрошила предвреме, нема греење и се следи онлајн настава

2 mins read

Гимназијалците од наставата на македонски јазик во Тетово, кои посетуваат настава во поранешниот објект на средното медицинско училиште, деновиве следат настава онлајн, затоа што веќе втора недела училниците не се затоплуваат, објави Телма.

Според родителите, на почетокот на минатата недела учениците дури и следеле часови во училниците без греење, по што наставниот кадар одлучил да се продолжи со онлајн настава.

-Ние добивме информација од професорите дека од минатата недела нафта во објектите каде учат нашите деца нема. Професорите донесоа заклучок да се оди онлајн и секој ден се добиваше информација дека наредниот ден ќе стигне нафтата, ама ништо од тоа, вели Синиша Серафимовски, родител на средношколец од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“.

Наставата која се изведува на македонски јазик се одвива во овие училници, додека наставата на албански е во централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ на улицата „Браќа Миладинови“. Раководните лица на оваа образовна установа на новинарските прашања одговорија со најава дека ќе има греење, затоа што била нарачана нафта.

-Нафтата била потрошена предвреме, оти еден од објектите каде се следи настава на македонски јазик во попладневните часови го користи спортската академија, тие се тука веќе пет години. Ние нарачавме нафта, но можеби доцни, затоа што од компанијата каде што треба да ни ја донесат нафтата имаат мнагу нарачки и најверојатно не можат да постигнат, информираа од раководството на тетовската гимназија.

Од друга страна немаа одговор на прашањата зошто не е реагирано на време за да се не случи ваква состојба и да има прекин во греењето на училниците.

Паралелките од наставата по македонски јазик во рамки на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ веќе дваесет години учат во училници или простории во други објекти надвор од централниот објект. Неколку генерации со протести бараа да се реши просторниот проблем, а веќе пет години настава се следи во објектите кои порано беа медицинско училиште. Претходно настава се следеше на градскиот плоштад, во салата на Советот на Општина Тетово како и во основни училишта. Политички партии со години најавуваат нов објект во склоп на централната установа на гимназијата.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Најбогатиот човек на планетата прогласен за личност на годината

Следно

Лео Меси се враќа на „Сантјаго Бернабеу“: Еве каков учинок има на култниот стадион

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian