Што прави денеска: Емануела Ковачевска Китановска, поетеса и актерка

3 mins read

Поетесата и актерка Емануела Ковачевска Китановска има само 19 години, а веќе има значаен белег во светот на поезијата, но и во уметноста генерално.

Емануела учествува во речиси сите спектри на уметноста и како нивна последица, најсакана уметност ѝ е театарот. Талентираната Емануела е амбициозен почетник на сцената, има бесконечен порив за создавање нови светови и често пред да се впушти во нов проект, го следи својот внатрешен глас.
Емануела ни раскажа како се одвива едно нејзино секојдневие.

Емануела Емануела Ковачевска Китановска/Фото: Аника Чорбеска

„Секое утро за мене е ново раѓање, речиси различно годишно време. Денот ми започнува, трае и завршува со музика. Преку ден имам часови по клавир, а ноќта ја препуштам на фотелјата во ќошот со старата мандолина, која сѐ уште не знам успешно да ја свирам, но успева да ми ги одврзе чувствата и да ги наштима во јасна порака.

Двапати во неделата посетувам часови по француски јазик во Францускиот институт за студии во Франција. Јазикот е жив и интимен, подлабок од секој човечки допир, чувствувајќи на туѓ јазик ме турна да размислам колку сме сите различни, напуштајќи го за момент мајчиниот јазик е одделување од своите коски, но не и од себе.

Емануела Емануела Ковачевска Китановска/Фото: Приватна архива

Омилен и најинспиративен дел од денот ми е квечерината. Особено кога се враќам дома покрај Вардар. Во тие стемнувања и гласни гракања на птиците, произлезе мојата трагикомична монодрама „Драг Вардар“, која предизвика голема заинтересираност. Во претставата се работи за еден бесмртен Фантом, кој живее крај Вардар и очајува по смртта, завидува на човечкиот век и сака да умре, но и смртта не го сака, а тој раскажува за човекот и градот.

Понекогаш во текот на ноќта знам да посетам повеќе настани како изложби, свирки, опера или балет, детски претстави, литературни промоции. Имам навика да излегувам сама и да седнам во литературниот кафуле „Метаноја“ и таму да пишувам. Гледам да создавам и да се инспирирам од новото време во кое живееме и неговото непредвидливо темпо што нѐ учи за суштината на сегашниот миг, за емпатијата и вистинските вредности за тоа кои сме ние и што сѐ можеме денес.“

Емануела Емануела Ковачевска Китановска/Фото: Приватна архива

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Камион пропадна среде улица во Белград

Следно

20-годишник тешко повреден откако возило излета од патот на булевар „Борис Трајковски“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian