Ординациите се полнат со пациенти, но вирусот е непознат

4 mins read

Има доста пациенти со респираторни симптоми, но никој не може да каже дали е грип, дали е омикрон, тоа треба да се испитува. Симптомите се слични – течење на носот, кашлица, главоболка, изнемоштеност, замор, болки во телото. Трансмисијата е локална, зашто болните немаат историја на патување.

Вака докторот по општа медицина Илчо Ефкоски го коментира за „Слободен печат“ притисокот  од пациенти врз ординациите на матичните лекари со симптоми на настинка, грип и други респираторни вируси. Дали некој од нив е заболен со новиот омикрон сој на коронавирусот, не се знае, бидејќи во Институтот за јавно здравје досега воопшто не се испитувале примероци на позитивни наоди дали станува збор за оваа варијанта на ковид.

– Има дури и тројно вакцинирани со симптоми, кои не знаеме на што се должат. Има и деца со истите симптоми. Голем дел остануваат недијагностицирани бидејќи користат домашни тестови и велат дека не сакаат да одат на ПЦР-тестирање, бидејќи тестот дома им бил негативен и не сакаат да плаќаат скапи тестови. Сами се тестираат, сами се лекуваат, пијат сè и сешто, од антибиотици до други лекарства што е голем проблем – вели доктор Ефкоски.

Директорот на Институтот за јавно здравје Скопје доктор Шабан Мемети вели дека омикрон варијантата досега не се секвенционирала во земјава зашто немало индикации и анкети од епидемиолозите за такво нешто.

Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје доктор Бесим Зекири вели дека грипот е во замав.

– Има такви индиции бидејќи многу деца отсуствуваат од училиште, а има и други пациенти со респираторните вируси што се шират. Акцентот треба да се стави на вакцинацијата против сезонски грип преку „Мој термин“. За омикрон варијантата немаме доволно сознанија, дури и во светски рамки малку се знае на оваа тема. Ги повикувам граѓаните што сакаат да дојдат да се вакцинираат против сезонски грип во ЦЈЗ Скопје. Организираме и теренска вакцинација за работни организации, одиме во нивните простории – вели Зекири.

Од четири илјади комерцијални вакцини набавени за потребите на ЦЈЗ Скопје, потрошени се само половината и има уште две илјади дози на располагање за граѓаните по цена од 800 денари. Министерството за здравство информира дека 40 илјади вакцини против сезонски грип кои беа наменети за бесплатна вакцинација на ризичните групи се веќе потрошени. Во моментов се аплицираат 20 илјади вакцини против сезонски грип, кои се добиени како донација, од кои 4 илјади се веќе употребени.

Сојот омикрон на коронавирусот, според Светската здравствена организација, заклучно со 9 декември е детектиран во 63 земји во светот. Оваа варијанта е позаразна од сојот делта и ја намалува ефикасноста на вакцините, поради што производителите веќе најавија модификација на вакцините, а дел од нив препорачаа трета доза за сите граѓани за дополнителна заштита. Досегашните опсервации покажуваат дека оваа варијанта, иако е попренослива, сепак предизвикува блага форма на болеста или асимптоматска инфекција, но клиничката слика засега е недоволно утврдена поради тоа што нема доволен број случаи врз кои би се испитувала.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Велика Британија регистриран првиот смртен случај од омикрон сојот

Следно

ЛШ: ПСЖ ќе игра против Реал Мадрид, Интер за ривал го доби Ливерпул

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian