Димитар Ковачевски по прогласувањето на неговата победа на внатрепартиските избори за нов лидер на СДСМ на присутните сопартијци во седиштетот на партијата им се обрати со „другари и другарки“, терминологија од претходниот социјалистички систем во поранешна Југославија.
-Ова беше фер натпревар, противкандидатите додадоа извонредени предлози кои ќе бидат за напредок на партијата. Драги другарки и другари, вечерва СДСМ е победник. СДСМ одржа уште една лекција од демократија. Од утре да ги засукаме ракавите и да продолжиме да работиме. Кога СДСМ е силен и има јасна агенда државата оди напред. Ние сме столб на прогресивниот дел на државата, рече Ковачевски.
Тој му се заблагодари на досегашниот лидер Зоран Заев.
-Почитувани другари и другарки, дозволете да му заблагодарам на досегашниот лидер Зоран Заев. Да му заблагодарам не само што во својот мандат оствари многу значајни победи за СДСМ, туку Зоран Заев го консолидираше СДСМ, го урна режимот на Никола Груевски и остави аманет да продолжиме да ги продолжиме и надоградуваме социјалдемократските вредности и на тој начин да ја градиме политиката во државата, рече Ковачевски.
Тој најави дека треба многу работа и посветеност за државата да биде водена уште долго по принципите на социјалдемократијата.
Ковачевски рече дека во наредниот период ќе соработува и со противкандидатите Јован Деспотовски и Фросина Ременски бидејќи соработка и обединување се основните принципи на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.