Државата воведува рестрикции, возачите бараат поголемо осветлување на автопатот меѓу Скопје и Велес

5 mins read

Граѓаните коишто патуваат на автопатот меѓу Скопје и Велес бараат властите да ја зголемат безбедноста на овој патен правец преку поставување на осветлување и соодветна сигнализација на оние делови од автопатот каде што е познато дека има одрони или “диви” локации за одмор и паркинг, од каде што се вклучуваат и исклучуваат возила на автопатот.

Возачите посебно реагираат на автопатот од Скопје кон Велес, особено на делот кај железничката станица Рајко Жинзифов, на којшто често има одрони од камења, коишто во услови на целосна темнина во последен момент ги избегнуваат. На ваквите локации, граѓаните бараат или да се постави соодветно осветлување што ќе ја зголеми видливоста на патот или пак да се постават нови заштитни огради коишто би ги спречиле одроните.

Најмногу критики за автопатот меѓу Скопје и Велес доаѓаат од граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу двата града и коишто имаат подоста стравични приказни за тоа како избегнале сообраќајна несреќа или учествувале во сообраќајќа, но едвај спасиле жива глава.

„Во поголемиот дел од патот Скопје-Велес треба да се вози со долги светла бидејќи е неосветлен и со кривини. Странично има стари карпи и нема заштитна жица, често пати има одрони по патот, особено кога врне дожд“, вели еден од граѓаните што ја исконтактира редакцијата на Мета.мк.

Тие бараат да се обноват и т.н. „мачкини очи“ покрај патот, кои на одредени сегменти воопшто не им го осветлуваат крајот на коловозната лента на возачите. Возачите сметаат дека треба да се постават и нови еластични огради на оние делови од автопатот каде што има провалија. Опасни се и необележаните точки за одмор, на кои возила се исклучуваат или се вклучуваат на овие локации и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот на другите возачи.

„Кога има одрони се блокира патот и се чека додека да се расчисти, а често се предизвикуваат штети на возилата – шофершајбна и на гумите“, потенцираат возачите.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за Мета.мк велат дека на автопатот Скопје-Велес-Скопје се осветлени сите клучки, тунели и наплатни станици, а поставеното осветлување се одржува за да биде функционално. Поставување на друго осветлување на овој автопат не се планира, а за безбедно одвивање на сообраќајот корисниците на патот треба да ја почитуваат поставената сигнализација.

Наместо осветлување на бараните локации, од ЈП за државни патишта велат дека со актуелната енергетска криза и со донесената владина уредба од 30 октомври годинава, со која се предвидува минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава, тие вовеле рестрикции во осветлувањето на патиштата.

Рестрикциите на поставеното осветлување на државните патишта ги опфаќа сите клучки кои се управуваат преку централен систем, каде што од 20:30 часот секојдневно се намалува рамномерно интензитетот на осветлување за околу 30 отсто на сите светилки.

„На клучките каде нема централно управување на осветлувањето, а се со поголема фреквенција на сообраќај (Коридорите 8 и 10), се врши исклучување на една фаза од осветлувањето, односно секоја трета светилка е исклучена. На клучките каде нема централно управување на осветлувањето, а се со помала фреквенција на сообраќај, се врши исклучување на две фази од осветлувањето, односно секоја трета светилка е во функција“, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Тие додават дека овие спроведени рестриктивни мерки на осветлување, во комбинација со прилагодена брзина спрема условите на патот, обезбедуваат безбедно одвивање на сообраќајот.

Раскинат договорот со изведувачот на автопатот Петровец-Катланово

Во септември 2020 година започна реконструкцијата и проширувањето на делот од Петровец до Катланово на автопатот меѓу Скопје и Велес. И покрај тоа што ветувањето беше градежните работи да завршат за 10-12 месеци, до денешен ден на овој сегмент сообраќајот се одвива во двата правци.

Од ЈП за државни патишта велат дека градежните работи на проектот во моментов се суспендирани, а договорот со досегашниот изведувач е раскинат. Во моментов се подготвува документација за нов тендер за избор на компанија што ќе ги доврши градежните активности на терен. На оваа делница не е планирано поставување на дополнително осветлување. Рехабилитацијата со проширување со трета коловозна лента опфаќа 5,179 километри од десниот и 4.752 километри од левиот коловоз на автопатот, како и поставување на нова заштитна ограда.

Мета.мк

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

ФОТО | Спојте ги дланките и откријте каква иднина ве чека во љубовта: Дали ќе се омажите, со кого…

Следно

Нападнат Твитер налогот на индискиот премиер Моди

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian