Зеленски не го исклучува оддржувањето на референдум околу Донбас и Крим

2 mins read

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека не ја исклучува можноста за одржување референдум за идниот статус на воено разурнатиот исток од Украина и за полуостровот Крим, што Русија го анектираше во 2014 година.

Зеленски не објасни како и кога може да се одржи референдумот, но кажа дека тоа е една од опциите за заживување на закочениот мировен процес во источна Украина и завршување на конфликтот со соседна Русија.

Украина во последниве недели се обиде да обезбеди поддршка од западните сојузници, обвинувајќи ја Русија дека собира илјадници војници во близина на нејзините граници додека се подготвува за можна голема воена офанзива во јануари.

Односите меѓу Киев и Москва се во прекин откако Русија го анектираше полуостровот Крим во 2014 година, а силите поддржани од Москва ја окупираа источната украинска област Донбас, која Киев сака да ја поврати. Киев соопштува дека околу 14.000 лица оттогаш веќе ги загубиле животите во борбите.

-Не исклучувам референдум за Донбас, генерално. Тоа може да биде за Донбас, може да биде за Крим, може да биде за крајот на војната, генерално.Па може да се случи некој, оваа или онаа држава, да ни понуди одредени услови, изјави Зеленски за ТВ станицата „1 + 1″.

Зеленски го поздрави потегот на американскиот претседател Џо Бајден „лично” да се вклучи во завршувањето на војната во источна Украина. Тој, исто така, кажа дека Бајден ги пренел руските гаранции дека Москва нема да предизвика ескалација.

Зеленски, исто така, за телевизијата кажа и дека не исклучува и директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Герасимовски: Заедно со „Банка за храна“ секој месец помагаме на повеќе од 400 лица во социјален ризик

Следно

УЕФА донесе одлука, Тотенхем пред елиминација од Конференциската лига

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian