Рецензија: Кога невозможното станува возможно во „14 Peaks: Nothing is impossible“

4 mins read

Во светот постојат само 14 планински врвови повисоки од 8000 метри надморска височина, а првиот човек што ги искачил сите е италијанскиот планинар Рајнхолд Меснер. Неговиот храбар подвиг траел 16 години. Овој рекорд беше соборен во 2013 година, кога Ким Џанг од Јужна Кореја ги искачи сите 14 врвови за 7 месеци.

Но, документарниот филм „14 Peaks: Nothing is impossible“, што деновиве се најде помеѓу најгледаните филмови на Нетфликс, ја раскажува неверојатно импресивната приказна на човекот кој го собори и овој рекорд.

"14 Peaks: Nothing is Impossible"/Twitter
“14 Peaks: Nothing is Impossible”/Twitter

Професионалниот планинар од Непал, Нирмал Пурџа – Нимс, го започна својот проект „Project Possible“ во 2019 година и ги искачи сите 14 врвови за помалку 7 месеци – 6 месеци и 6 дена, во периодот помеѓу април и октомври 2019 година.

Режисер на филмот е Торкил Џонс, додека пак продукцијата е на Noah Media Group, Little Monster Films и Торкил Џонс, заедно со Нирмал Пурџа, Џими Чин и Елизабет Чаи Васарели кои се појавуваат во улога на извршни продуценти.

Човекот што докажа дека невозможното е возможно

Нимс пораснал во скромни услови, а во своите млади години се пријавил во легендарните вооружени сили на неговата земја, Гурките. Подоцна се приклучил на специјалните сили на Обединетото Кралство. Со поддршка од неговата сопруга Сучи Пурџа, Нимс го започнува проектот „Project Possible“, со цел да гo истакне придонесот на непалските планинари и да го стави својот дом Непал на мапата на планинарството.

Уште во раните фази на барање поддршка и обезбедување средства за проектот, Нимс покажува неверојатна решителност и не се откажува, дури и кога наидува на препреки, одбивање и екстремни временски услови. Тешките моменти стануваат уште потешки кога неговата мајка се разболува во исто време кога кинеската влада го одбива неговото барање да го искачи последниот врв Шишапангма.

"14 Peaks: Nothing is Impossible"/Twitter
“14 Peaks: Nothing is Impossible”/Twitter

Непалската влада, неговите пријатели планинари и учесници во пректот, Мингма Дејвид Шерпа, Гелјен Шерпа, Лакпа Денди Шерпа и Гесман Таманг, заедно со неговите фанови на социјалните мрежи кои ја „бомбардираат“ Кина со електронски пошти, се единствената надеж за Нимс.

Повеќе од инспиративна приказна

Преку едноставен и директен наслов, филмот од самиот почеток ни кажува дека „ништо не е невозможно“, дури ни оваа „невозможна мисија“ на Нимс. Речиси секоја рамка од филмот изобилува со прекрасни пејсажи доловени преку дроновите и GoPro камерите на планинарскиот тим, но музиката на Наинита Дасаи нè потсетува на опасноста која се крие зад убавината на природата, под дебелите снежни покривки, помеѓу острите карпи и во „зоната на смртта“. Таа се наоѓа над 8000 метри надморска височина, каде кислородот во воздухот е толку редок што може да убие човек.

Џонс се одлучува за многу приземјен пристап кон прикажувањето на личноста на Нимс, неговата скромност и несебичност наспроти големите амбиции и надчовечката физичка сила. Неговата ведрина наспроти неговата храброст, строга самодисциплина и ментална подготвеност. Неговите мали почетоци наспроти огромните планини.

"14 Peaks: Nothing is Impossible"/Twitter
“14 Peaks: Nothing is Impossible”/Twitter

„14 Peaks: Nothing is impossible“ поставува многу прашања за планинарството, храброста, различните потреби и причини на оние кои се одлучуваат на вакви подвизи, стравот, животот и смртта. Кон крајот на документарецот, Нимс вели:

– Tреба да се запрашате, дали навистина го сакате ова од сè срце? Дали го правите за слава? Или за нешто поголемо?

"14 Peaks: Nothing is Impossible"/Twitter
“14 Peaks: Nothing is Impossible”/Twitter

А подоцна, обраќајќи се кон новинарите кои го пречекуваат, Нимс посочува:

– Да бидеме брутално искрени. Ако ова го постигнеше бел или европски планинар, вестите за него ќе беа десетпати поголеми од сега. Ајде да ѝм ја дадеме правдата на луѓето кои ја заслужуваат. Вие ја имате таа моќ.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

2МФЛ: Вардар убедливо ја оправда фаворитската улога против Кадино

Следно

Омбудсманот бара експретседателот Саакашвили да биде прегледан од психијатар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian