Јужноафрикански научници денеска објавија дека сè уште нема знаци дека омикрон сојот на коронавирусот предизвикува потешка форма на болеста.
Јужна Африка го предупреди светот за омикрон кон крајот на минатиот месец, алармирајќи дека исклучително многу мутираниот сој може да предизвика нов пораст на бројот на заразено во светот.
Болничките податоци покажуваат дека бројот на лица примени со симптоми на ковид-19 сега нагло расте во повеќе од половина од деветте покраини на Јужна Африка, меѓутоа бројот на починати не расте толку драматично. Охрабрувачки е индикаторот што се однесува на просечната должина на престојот во болница .
-Иако расте бројот на хоспитализации, прелиминарните податоци укажуваат дека тоа се должи само на зголемениот број заразени лица, а не и на тежината на болеста од сојот омикрон, изјави министерот за здравство Џо Фахла.
Во последните неколку дена во епидемијата во целата земја која сега е поврзана со омикрон сојот се заразуваат околу 20.000 луѓе дневно, со 19.018 нови случаи на ковид-19 во четвртокот, според податоците на Националниот институт за заразни болести, но има само 20 нови смртни случаи.
Епидемијата сè уште не го достигнала врвот од повеќе од 26.000 дневни случаи како што беше забележано за време на третиот бран предизвикан од делта сојот.
Јужна Африка целосно вакцинираше само околу 38% од возрасните, што е повеќе отколку во многу други африкански земји, но е значително помалку од целта што си ја зацрта владата за до крајот на годината.
Помала студија на јужноафрикански истражувачки институт неделава покажа дека омикрон може делумно да ја избегне заштитата од две дози на вакцина на Фајзер, но компанијата и нејзиниот партнер, Бионтек, велат дека според лабораториски истражувања третата доза од нивната вакцина може да го неутрализира омикрон.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во САД од ковид-19 заболуваат и лица кои примиле бустер дозата од вакцината.