Надлежната собраниска комисија го усвои Предлог Законот за работни односи и даде зелено светло од 1 јануари 2022 година да почне примената на законското решение недела да биде неработен ден, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Во име на СДСМ, Кузеска истакна дека стојат зад работниците и оти сакаат да им овозможат на работниците да бидат позадоволни и попродуктивни, но и работнички пазар на труд од кои придобивки ќе имаат сите.
-Недела неработен ден и поголема минимална плата се социјалдемократски политики и затоа СДСМ со партнерите од Владата поднесе и силно ги поддржува измените на законите во интерес на работниците.
Право на Синдикатот е на свој начин да се бори за остварување на овие права и ние како партнер на синдикатите тоа го поддржуваме, истакна таа.
Кузеска додаде дека блокирањето на измените во Законот од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Левица е одраз на тоа дека не се грижат за работниците и дека опозицијата е против зголемување на минималната плата.
-Сега, со вклучувањето на Алтернатива се создадоа нови можности, зголеменото и стабилно парламентарно мнозинство да ги порази блокадите и опструкциите на опозицијата, да се обезбеди повисока минимална плата а недела да биде неработен ден. Повисоките плати, поголема минимална плата, се еден од предусловите за задржување на нашите граѓани и граѓанки во државата, додава портпаролката на СДСМ.
Последното барање на Сојузот на синдикатите на Македонија, Кузеска вели дека е потпишување на Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и К-15 за сите вработени, а како социјалдемократска влада, нивна намера е сите вработени да бидат третирани подеднакво и затоа се прават напори да се обезбедат финансиски средства за регрес за годишен одмор.
Таа порача дека се солидарни со синдикатите, работниците, а заедништвото ќе донесе подобар живот и повисоки економски стандард за сите граѓани.