ИНТЕРВЈУ | Моџо Килингтон по повод неговата нова книга „Самоуништување“: Најубава мисија на писателите е што можат да ги пренесат чувствата

8 mins read

Не можете а да не го забележите: свој, автентичен, препознатлив не само во суштината туку и во формата. Тој е ретка појава во јавниот и книжевниот живот. Видливо од прва и во имиџот и во искажаните мисли.

Додека со своите луцидни статуси на социјалните мрежи и интелигентниот хумор во репликите на „Фчерашни вести“ и „Преспав“ ни помага полесно да ја надминеме стресната стварност, Божидар Божиновски преку својот писателски псевдоним Моџо Килингтон во своите со филмска брзина напишани книги: поезија „Аутопсија на љубовта“, и проза „Денот кога не се разбудив“, и „Самоуништување“, целно ќе не потсетува на најважните нешта во животот, дека љубовта е единственото нешто за кое вреди да се живее и дека светот напредува единствено ако постојано се поставуваат вечните прашањата на кои секој трага по сопствен одговор.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

Моџо Килигнтон – намерно искреирано писателско име или прекар со историја?

Си залепи и остана така, срасна некако со мене иако не беше воопшто планиран за литература, тоа си дојде само по себе, како логичен след кога 140 карактери на Твитер и брзината со која објавуваме на Фејсбук не беше доволна како простор за искажување па мораше да најдам нов медиум. Медиумот се смени, Моџо остана.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

Кога се помиривте со фактот дека зборот ви е судбина?

Уште се надевам дека нема секој ден да ми доаѓа по некој стих, дека нема да ме држи буден песна која сака да биде родена, дека ова е само дел од немирни времиња кои ќе поминат и еден ден ќе ги гледам од далечина како облаци кои се зад мене. Не верувам дека има среќен човек што пишува па затоа уште се опирам на пишувањето, повеќе ми е како неопходност да се преживее отколку нешто што би сакал да го правам цел живот. А од досегашните лекции од животот најважната е дека е непредвидлив па може овој истиот разговор да го правиме за 20 години, повторно под облаци, за 217-тата книга.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

Луциден, остроумен, прониклив хумор од една страна, и сериозни егзистенцијални романи од друга страна. Инспирацијата во оваа наша стварност очигледно не недостасува, но на прв поглед зачудува различниот, скоро дијаметрален начин на искажување за егзистенцијалниот шок на модерниот човек. Што беше прво, “кокошката или јајцето“?

Двата дела, иако дијаметрално спротивни се со мене од кога се сеќавам. Отсекогаш чувстував некоја тага која е поголема од мене и кога светот ми беше мал, сведен само на семејството. Тие години ги паметам како среќни, не би можел да се пожалам, а сепак таа тага некако растеше, нихилизмот си фати корен. Секогаш со прашањето „И?“. Дали можам да бидам подобар ученик. Да, и? Можам да сум добар студент? Да, и? Можам да работам повеќе? Да, и? И која е поентата на правење што и да е кога за 5, 15, 50 години ќе сме мртви и ништо ова нема да е важно. Никој нема ни да се сеќава. А и да се сеќава, ќе сме мртви, па е се едно. Се научив да го свртам тоа размислување малку во своја полза па сега одат прашањата поинаку. Може не ме бива да пишувам. И? Ако не ме бива една лоша книга плус или минус не му менува ништо на светот. Може сум лош на тв? И? Неколку лоши минути на тв не се важни затоа што и тоа е минливо. А хуморот е веројатно одбрамбен механизам. Тешко дека некој би сакал на Фејсбук да чита што мислам во два часот сабајле и за моите егзистенцијални потраги.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

 

Човекот и општеството се менуваат константно, но нашата потрага по смисла, нашите стравови, сомнежи се од памтивек исти. Секогаш човек ќе се бара себеси, а никогаш нема да се најде.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

Тагата, болката, револтот… привилегирани ли се писателите што можат да ги искажат со зборови и при тоа да го облагородат светот?

Можеби најубава мисија на писателите е што можат да ги пренесат чувствата, да не се врзани со време и простор, туку само човечка нишка да имаат која може да ја олесне осаменоста на човек. Полесно е кога знаеш дека некој друг пред тебе исто пател, љубел, го мачеле истите прашања, ги имал истите дилеми. Понекогаш она што можеме да го најдеме во разговор, во недостаток на истиот можеме да го најдеме во книгите. Човекот и општеството се менуваат константно, но нашата потрага по смисла, нашите стравови, сомнежи се од памтивек исти. Секогаш човек ќе се бара себеси, а никогаш нема да се најде. Инаку не се сметам за привилегиран, ни писател, сметам дека секој може да пишува и не дека секој може, туку и секој треба да пишува. Секоја приказна е посебна и колку и да сме мали тоа е уникатно доживување што го имаме во универзумот и во времето.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

Свој, автентичен, препознатлив не само во суштината туку и во формата. Видливо од прва и во имиџот. Зборува ли тоа за потребата да се биде искрен со себе во секоја смисла?

Сакале или не визуелното е прв начин на распознавање. Сметам дека околината, музиката, книгите, начинот на живот го моделираат и стилот, со сите шеми, калапи и патерни на облекување и изглед. Мојот стил е прегазен од времето, хипици, рокери одамна не се во мода ама ако човек не се чувстува како да припаѓа во модните трендови тогаш што би барал таму. Сум пробал да сум пристојно дете, што и да значат тие стандарди, кратко истрижан, бричен, да носам она што тогаш го носеше мојата генерација, некои џемпери на V, патики или што и да е. Не сакам ни џемпери, ни патики, ни тренерки и нема што да бегам од тоа. Втора кожа ми се каубојки, откопчана кошула, фармерки, долга коса и она што нуди рок енд ролот. Ионака нормалното е само општоприфатена верзија на лудост, а сосема е лудо да веруваме дека сите треба да изгледаме и да се однесуваме исто.

моџо килингтон
Фото: Принтскрин / Facebook

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бериша до Стејт департментот: Однесете ги доказите против мене во Париз, во спротивно ја продолжувам мисијата

Следно

Ако не се воведат мерки, нѐ чека голем бран на заразени со омикрон

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian