Жители на Грчец и Крушопек се гневни на ЕВН, полициски специјалци го чуваа пунктот во Ѓорче

2 mins read

Жителите на скопските села Грчец и Крушопек денеска протестираа пред наплатниот пункт на ЕВН во населбата Ѓорче Петров, каде ги пречека кордон од полициски специјалци, објави ТВ21. Гневните жители на двете села во општина Сарај велат дека со недели се без струја, а компанијата не презема ништо за да им го реши проблемот.

Неколкумина од нив беа примени на разговор со претставници на ЕВН. Компанијата деновиве обвини дека во Грчец се краде струја за да се „копаат“ биткоини.

„Нема никаква најава дека некој ја краде струјата, но не фатија ништо. Значи, тој што крадел струја, треба да му се исклучи, а никому не му е исклучена. Велат „имаме пречки“, не ни дозволуваат да поставиме мерачи на улица, им реков: каде ви е најавата дека ќе поставувате мерачи на улица и дека некој ве спречувал, нема доказ“, рече еден од жителите кои беа на средба со претставниците на ЕВН.

Жителите обвинуваат дека овој проблем „се прави намерно“.

„Видов една кутија, ја зедоа со себе, ги извадија послабите осигурувачи и поставија подобри, немавме проблем, само намерно го прават овој проблем, самите прават проблем“, вели друг жител на Грчец.

Од ЕВН велат дека жителите на Грчец и Крушопек не дозволуваат санирање на дефектите и дека постојано се спречувани од нив кога треба да спроведат инвестициски проекти за реконструкција на мрежата.

„Жители од Грчец и Крушопек не дозволуваат да се санираат дефектите во дистрибутивната мрежа Екипите на Електродистрибуција постојано се спречуваат од жителите во санирањето на дефектите и во спроведувањето на инвестициони проекти за реконструкција на мрежата во Грчец и Крушопек. Освен неможност за работење, вработените се соочуваат и со навреди и закани по живот, како и закани за предизвикување на материјална штета. Во однос на дефектите, истите се случуваат и повторуваат како резултат на константно преоптоварување на мрежата бидејќи корисниците нелегално и неконтролирано користат електрична енергија“, велат од ЕВН.

Жителите кои протестираа негираат дека некој ги спречувал работниците на ЕВН да го санираат проблемот. Велат дека доколку тој не се реши, ќе протестираат и во следните денови, блокирајќи го автопатот Скопје-Тетово.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Анкета: Седумдесет и два отсто од Украинците ја сметаат Русија за агресор

Следно

Собранието на РС ги усвои заклучоците за враќање на надлежностите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian