Што прави денеска: Мијата, пејачка и контролор на летање

3 mins read

Поп-пејачката и кантавтор Наташа Мијат Крстевска, позната како Мијата, зад себе има плодно музичко портфолио. Мијата има две „љубови“ – ја обожава својата професија контролор на летање на скопскиот аеродром (која ја работи веќе 20 години) и втората љубов – музиката. Мијата ја краси посебен глас, младешки и ведар дух, прекрасна насмевка… Таа и сопругот, кој е спортски новинар, а со кого е во брак 14 години, успешно го менаџираат и професионалниот и приватниот живот.

Овој пат Мијата ни раскажа како ѝ тече денешниот петочен ден…

Фото: Фросе Левковска

„Петок. Утринска смена на работа. Тоа значи дека од дома излегувам во 06:50 часот и по обиколница стасувам на Скопскиот аеродром каде што колегите од ноќна смена со душа нè чекаат да ги смениме. Шефот на смена прави распоред и гледам дали ќе работам на Кула или на Приодна контрола на летање во текот на денот или комбинирано на двете позиции. На работа ми е секогаш интересно и разновидно. Режимот на работа ми е прва смена, па втора, па трета, па два дена слободни.

Денешната смена подразбира дека сопругот ќе биде одговорен да ги разбуди децата и да ги однесе на училиште. Калин има 11 години и оди во шесто одделение, а неговата сестричка Никита има 6 години и е прваче.

Фото: Мијата/Приватна архива

Изминатиот период во нашето семејство беше доста исполнет со настани, слави, родендени, балетски концерти на Никита, натпревари на Калин, па така посакувам малку да одвоиме време за помирен живот, но тешко ни оди. Преку недела ги носиме децата на нивните активности, Никита оди на балет двапати неделно, а Калин на фудбал трипати неделно, впрочем како и многу родители чии деца се на оваа возраст. На пример, вечер ќе го носиме синчето на тренинг со сопругот заедно, и додека трае тренингот, ќе пиеме кафе, а во тој еден час ќе се избрифираме за настаните што се случиле во текот на денот и обврските што нè чекаат за викендов. Тие такви блиц средби еден на еден ни помагаат да си припаднеме и да ја задржиме блискоста на едно поинакво ниво.

Фото: Мијата/Приватна архива

Вечерта после тренинг, ако сме во форма, ќе најдеме некој филм и сите заедно ќе направиме дома кино-вечер, бидејќи утредента, во сабота, јас сум втора смена и ќе се вратам дома на полноќ, кога сите се веќе заспани.

Фото: Мијата/Приватна архива

Понекогаш ми е зафркнато за викенди кога сите ми се слободни, јас да работам, но од друга страна, благодарение на сменската работа, имам слободни термини да се позанимавам и со моите музички активности.“

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Зидан само под еден услов ќе седне на клупата на ПСЖ

Следно

Граѓаните на референдум да одлучат за БРТ, најавува Арсовска

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian