ИНТЕРВЈУ Jован Деспотовски: Успехот во мојата работа ќе биде мерлив

5 mins read

Јован Деспотовски е актуелен в.д. директор на Дирекцијата за развојни технолошки зони. Тој е дипломиран економист од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и постдипломец по меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот „Американ колеџ“. Член на СДСМ е повеќе од 20 години, бил на повеќе функции во партијата, работел во Секретаријатот за европски прашања, како и во Фондот за иновации и технолошки развој. На гласачкото ливче Јован Деспотовски е под бројот 3.

Дали и во која насока имате намера да спроведете внатрепартиските реформи во СДСМ?

– Внатрепартиските реформи се повеќе од неопходни. „Концепт 28“ предвидува целосен фокус кон луѓето, а не кон политиката и функционерите. Воведуваме модел на дефинирање на тоа како да им се помогне на луѓето, каков човек/луѓе се потребни за спроведување на мерките и политиките, па потоа кој. Носителите на јавни функции треба да бидат одговорни кон членовите, граѓаните, а не кон лидерот.

СДСМ покажа дека има и знаење и капацитет, но и храброст да се носи со тешки предизвици, но секогаш може и мора подобро, побрзо и поефикасно. Само силен СДСМ може да ги заштити членовите, но и граѓаните од погрешни политики, од притисоци, од партизација, особено сега, на локално ниво. Со силен СДСМ ќе ги заштитиме луѓето од овие работи што ни се случуваа до 2016 година.

Со „Концепт 28“ за првпат воведуваме мерливи цели што треба да се остварат од претседателот на СДСМ. Така, доколку бидам избран за претседател на СДСМ, успехот во мојата работа ќе се мери, меѓу другото, и со придонесот што ќе го дадам во: намалување на бројот на наши сограѓани што живеат под прагот на сиромаштијата; раст на платите (посебно, но и во однос на инфлацијата); раст на јавните вложувања во образование и здравство, како дел од приоритетните области, како и според порастот на бројот на лица што претходно заминале во странство и се вратиле назад.

Имате ли намера да се справите со партискиот клиентелизам во СДСМ во рамките на функционирањето на државата?

– Немам друг одговор на ова прашање, освен – да. „Концепт 28“ воведува јасен принцип на одговорност на носителите на јавни функции кон членството, кон граѓаните. Воведуваме модел на директен избор на кандидати за градоначалници и пратеници од самото членство. Така, функционерите најдобро ќе разберат дека за воопшто и да се кандидираат за некоја позиција, мора да обезбедат поддршка од членовите, а не од раководството во Скопје. Дополнително, воведуваме политика на неменување на навиките по изборот на јавна функција. Нема криење од јавноста, пријателите, соседите. „Концепт 28“ е основа за сериозна промена на начинот на практикување на политиката.

Сите политичари говорат за неопходноста од борба со корупцијата. Кој е Вашиот конкретен план во таа област?

– Мора сите заедно да кажеме, но и да покажеме дека сме фронтот против ова зло. Корупцијата краде од иднината на моите, на сите наши деца, за сега малкумина денес да живеат комотно. Време е да престанеме само да зборуваме, туку да дејствуваме. Со „Концепт 28“ воведуваме обврска за сите носители на јавни функции годишно да ја доставуваат својата имотна состојба, односно тоа нема да се прави како досега, само на почетокот и на крајот на мандатот. Таа ќе биде ставена на увид на граѓаните преку механизмите на ДКСК. Како претседател на СДСМ ќе предложам и воведување документ за чесност за секој функционер, со конкретни механизми на отчетност и одговорност.

Билатералните проблеми со Република Бугарија ја блокираат евроинтегративната перспектива на нашата држава. Би менувале ли нешто во пристапот на решавањето на овој проблем?

– Во моментот, сметам дека единствена цел на која треба да останеме фокусирани е брз почеток на преговорите за членство во ЕУ. Разговорите и Договорот со Бугарија е уште еден, можеби неправеден, но сепак реален чекор пред таа цел. СДСМ и досега покажа дека има капацитет, знаење и храброст да решава вакви прашања, со целосно зачувување на македонскиот национален идентитет. Сметам дека и нашиот сосед треба да направи исчекор кон постигнување договор за ова прашање.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Членовите на Кинеската комунистичка партија „обврзани да имаат три деца“

Следно

Рајола: Моите фудбалери се „удрени во главата“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian