Што прави денеска: Дани Димитровска, пејачка

3 mins read

Познатата пејачка Дани Димитровска повеќе од 20 години „свети“ на музичкото небо, секогаш уникатна и препознатлива по својот вокал, интерпретација и имиџ… По учеството на „Макфест“ во 1999 година со песната „Само ти ми требаш“, Дани внимателно го трасираше својот музички пат. А, доказ за нејзиниот белег во музиката е и солистичкиот концерт што го одржа во 2019 година во Филхармонија, одбележувајќи две децении музичка кариера, исполнети со композиции кои ќе останат запишани во домашната музичка историја.

Дани овој пат ни раскажа како тече едно нејзино секојдневие.

Фото: Бојан стоилковски

„Секојдневието не секогаш е стандарден пишан ритуал по кој слепо се водам. Напротив. Понекогаш денот е со набиен, шарен распоред, а понекогаш толку прекрасно лабав во кој не знам што попрво посакувам да направам.

Вообичаено се будам околу 10 часот, а сите обврски ги подредувам од 12 часот па натаму низ целиот ден. Освен тогаш кога работните задачи се задолжителни во раните часови. Е, тогаш ги обожавам раните утра бидејќи не ги доживувам често. Во тие случаи, кафето ми е задолжително на тераса, набљудувајќи ги забрзаните чекори на луѓето, автомобилските нервозни свирења кои секогаш се прашање – одговор, па замислувам разговор преку долго и кратко бииииип 🙂

Фото: Бојан стоилковски

Има денови кога имам прилично убаво избалансиран ден…

Денеска почнува кампањата за борба против насилство врз жени, за чии потреби снимив изјава, а во која учествуваме повеќемина.

По завршувањето на одредени обврски, отидов во студио за да доснимам некои парчиња кои недостасуваат од претходно снимени песни кои си го чекаат карактерот. Тоа е албум на кој работам, а кој ќе излезе следната година.

Следува ручек со моите најблиски, второ кафе задолжително со пријателите и тоа кафе е резервирано во нашите локални места кои ни се стандардни поради близината со вработените, поради поддршката во ова невреме, поради пријателството, поради слободата на дрескодот, поради „знам какво кафе пиеш, уживај си“.

Во 19 часот имам имам проба со својот бенд, да раздвижиме жици и грла, ни претстојат настапи, па ваквите загревања се совршена комбинација на многу музика, смеења при грешки со паузи за ментални гимнастики…

Ноќите се за дома. А, јас ја обожавам мојата дома. Вообичаено, креативноста ми се буди при „гаснење“ на денот. Навечер пишувам, учам, (лани при стресови поради коронавирусот запишав магистерски студии), смислувам слогани, рими, раскази… Филмовите ми се љубов невидена и за мене да изгледам еден добар филм претставува врвно задоволство.“

Фото: Бојан стоилковски

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Уапсени сопругите на Беливук и Миљковиќ , переле пари за „Кавачкиот клан“!

Следно

Марихуана пронајдена кај 18-годишна девојка во Аеродром

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian