Официјален Берлин не поддржува никакви алтернативи за полноправното членство на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, вели за „Дојче веле“, германската амбасадорка Анке Холштајн, која очекува брз почеток на пристапните преговори.
Новиот коалициски договор за формирање влада во Германија, според Холштајн, не отстапува од досегашните позиции на поддршка за евроинтеграциите на земјава.
„Има јасни изјави за нашата политика во однос на Западниот Балкан во коалицискиот договор и оваа јаснотија претставува новитет. Конкретно за Северна Македонија, ќе цитирам дел од коалицискиот договор: ‘Ние го поддржуваме пристапниот процес кон ЕУ на шесте држави од Западниот Балкан и потребните реформи за исполнување на сите Копенхашки критериуми. Во оваа рамка го засилуваме граѓанското општество и ги поддржуваме натамошните чекори за приближување. Во следниот чекор, мора да бидат отворени првите поглавја со Северна Македонија и Албанија“, вели Холштајн.
Таа додава и дека е „цврсто убедена дека е повеќе од симболично тоа што новата државна министерка за Европа во германското МНР, госпоѓа Ана Лирман, како прв странски гостин ќе го прими вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, господинот Никола Димитров“.