Царовска: Основата за демократско и прогресивно општество е квалитетното образование

3 mins read

Основата за демократско и прогресивно општество е квалитетното образование, порача министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусијата организирана во рамки на Самитот за земји од Западен Балкан.

– На унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем гледаме како можност за севкупен општествено-економски напредок на Северна Македонија и исчекор кон интегрирањето на земјата во европското семејство. Оттаму се поттикнати и нашите интензивни заложби за реформирање на образованието. Целта е да обезбедиме што повеќе и подобри образовни можности за нашите граѓани од најрана возраст, затоа што влогот во човечкиот капитал е всушност основа за развој на сé друго, рече Царовска.

Во обраќањето, Царовска посочи дека Владата е насочена кон создавање на образование кое е подготвено да одговори на новите предизвици, а дигитализацијата и пристапноста на училиштата се едни од главните вложувања за обезбедување квалитетно образование за секое дете.

– Ја враќаме и атрактивноста на средните стручни училишта. Оваа промена е важна, бидејќи ги подготвува младите за струки барани од компаниите, со што ја зголемуваме можноста за побрзо вработување, рече Царовска.

Она што, според неа, потребно е да се зголеми и довербата во науката за да се намали верувањето во теориите на заговор и лажни вести.

– Тоа го правиме со воведување на нови наставни програми кои ќе поттикнат критичко размислување кај учениците, рече Царовска.

Министерката истакна дека МОН и Владата имаат добар образовен план, креиран преку широка јавна дебата со учество на сите релевантни чинители, кој засега ги дава проектираните ефекти.

Царовска, која е дел од мрежата на млади лидери, говореше и за поддршката на младите и нивната вклученост во креирањето на политиките кои се директно поврзани со нив.

– За првпат во образованието воведовме национални стандарди за учење кои се систем на вреднување за постигнувањата од учење. На овој начин ја враќаме довербата на младите во образовниот систем и ги поттикнуваме на знаење. Мора да ги поддржиме младите и во создавањето на силна платформа преку која ќе влијаат на општествените промени кои се во нивен интерес, нагласи Царовска.

Самитот за Западен Балкан се одржува онлајн, а го организира интернационалното здружение „Пријатели на Европа“ кое се залага за проширување на Унијата, со поддршка од европската програма „Европа за граѓаните“, УНДП и Регионалниот совет за соработка.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Турската полиција заплени 1,5 тони марихуана, прошверцувана со чамец од Албанија

Следно

ВИДЕО: ПСЖ го растажи Клуб Бриж, Лајпциг ќе игра во Лига Европа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian