Нови детали за автобуската несреќа: Дете излегло од автобусот, но изгорело во обид да ги спаси роднините

4 mins read

Едно од 12-те деца што изгореа во автобусот на „Беса транс“ во Бугарија успеало да побегне од пожарот, но се вратило во опожареното возило за да се обиде да спаси членови на семејството, при што го загубило животот, изјави за „Слободен печат“ градоначалникот на Општина Студеничани Азем Садику. Седумнаесет од вкупно 45 изгорени лица се од ова село.

– Нема ништо полошо од тоа смртта да те затекне на улица. Уште полошо е кога во цветот на младоста ти умират осум деца. Не знам што да кажам. Нека бидат во милоста Божја, изјави роднина на семејството Јахи, семејство кое во несреќата загуби 10 члена, од кои осум деца.

Роднините на загинатите во оваа голема несреќа, која се смета за најголема во последните 20 години, се простија од своите блиски, барајќи случајот да се расчисти докрај.

– Доколку оваа трагедија не се расчисти до крај, ќе има големи последици. Луѓето веќе не веруваат во владеење на правото, во институции. Се надеваме дека Бугарија како членка на ЕУ ќе го истражи правично случајот. Сакаме да ја дознаеме вистината – изјави градоначалникот Садики.

Возачот не може да се одбрани

Роднини на загинатите, но и преживеани го чекаат заклучокот од истрагата за тоа што ја предизвикало оваа трагедија.

– Обвинителството сака зачудувачки брзо да го затвори овој случај и уште од првите мигови по несреќата се протнува дека вината е кај возачот. Возачот не може да се одбрани и затоа случајот ќе биде брзо затворен – изјави за БТВ Богдан Милчев од бугарскиот Инсититут за безбедност во сообраќајот.

Милчев тврди дека случајот со умисла ќе биде долго забавуван, особено затоа што ако се докаже дека причина за несреќата се условите на патот, тогаш бугарската страна ќе треба да ѝ исплати огромна оштета на Македонија.

Тој вели дека луѓето ги загубиле животите не поради несреќата, туку поради тоа што автобусот заглавил меѓу банкините кои требале да спречат да се случи такво нешто.

– Има знак кој недостига, а треба да ги информира возачите дека ги очекува такво исклучување. Два месеци порано од “патишта” утврдиле дека знакот го нема и пријавиле. Вкупно 400 знаци недостигаат по нашите патишта, министерот за регионален развој услужливо молчи, а Обвинителстовто одбива да го истражи ова – рече Милчев.

Две верзии за кршењето на стаклото

Двајцата преживеани од трагедијата во Струма, Љуљзим Сулејмани и Орхан Алити имаат различни верзии за тоа како успеале да се спасат од пожарот на кобната катастрофа.

– Јас бев буден, но пред тоа, кога шетавме низ Турција, забележав каде стои чеканчето. Кога се случи катастрофата, фала му на Бога што паметот ми беше во глава, стигнав до чеканчето, го скршив стаклото и излегов, а по мене уште шест луѓе – вели Сулејмани.

Сите луѓе ги фати паника и никој не знаеше што да рече. Во тој момент човекот многу брзо размислува, а ако автобусот го фати пожар, вратите не се отвораат. Во тој момент помислив да скокнам со двете нозе за да го скршам задното стакло, но првиот обид ми беше неуспешен, е верзијата на Орхан Алити.

– По вторпат се обидовме јас и Љуљзим од Прешево со двете нозе да го скршиме стаклото и откако успеавме да излеземе надвор од автобусот, мислев само на тоа да станам и да ги повикам другите да излезат. Но кога се обидов да станам, видов дека не можам да се исправам, имав и скршеница на ногата – изјави Алити пред неколку дена за „Слободен печат“ додека беше згрижен во софиската болница „Пирогов“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Стремеж кон убави нешта, нови вкусови и манири: Од каде потекнува гастрономијата?

Следно

Денеска девет голови и шест црвени картони во Првата фудбалска лига

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian