Тања Турунџиева, нутриционистка: Заблуда што постои кај мажите – пијат пиво за добра коса

6 mins read

По нутриционистичките насоки и совети за жените, продолжуваме со тема посветена на мажите, нивните навики, специфики и слаби точки, како и начин за нивно надминување и воведување на здрав, балансиран начин на исхрана.

Проблем со ќелавање и замастен црн дроб

Во одреден период од животот, секој маж се справува со опаѓање на косата. Постојат повеќе причини за оваа појава – косопад: една од нив е наследниот фактор (докажано е дека ќелавоста почесто ја пренесува мајката), потоа лошата исхрана, хормоналната нерамнотежа, лошата циркулација, проблемот со тироидната жлезда, преоптоварениот, црн дроб полн со токсини/отрови, континуираниот стрес, анксиозноста, шокот и, конечно, стареењето како нешто што би дошло природно.

Најважно е да се најде причината за опаѓањето на косата, па потоа да се постави рамнотежата во однос на сѐ што е потребно за да се зачува косата. Во овој случај, многу е важен селенот, витаминот Е, витамините од групата Б, цинкот, железото, бакарот. Кај машката популација постои една заблуда, а тоа е дека често пијат пиво за добра коса, бидејќи во него има големо количество витамини Б и пивски квасец, без да размислат на контраиндикациите што може да ги направи во дигестивниот систем.

Во ситуации кога се појавуваат вакви алопеции, многу е важен внесот на лен како есенцијална масна киселина преку леновото масло или зрно, не повеќе од две супени лажици во текот на денот – една супена лажица наутро и една супена лажица врзана со мед или со малтекс навечер.

Од особена важност е одвреме – навреме да се прават проверки на состојбата на црниот дроб, бидејќи вишокот килограми и зголемените липиди можат да доведат до негово замастување. За да се подобри оваа ситуација потребен е голем внес на зелка, морков и целер, и во облик на сок и како задолжителна свежа салата. Да се избегнуваат производите што во себе имаат оптоварувачки и токсицирачки нутритивни вредности, а да се намалат цигарите и алкохолот.

Мажите и справувањето со стресот

Иако мажите изгледаат многу посилни од жените, тие се покревки во споредба со виталноста на организмот и се повеќе склони кон кардиоваскуларни заболувања. Не треба да се занемарува зголемениот висок притисок и на него да се гледа како на нормална појава при стрес, туку треба да се држи под контрола, бидејќи тој повлекува други оштетувања во однос на целиот систем.

Мажите почесто имаат менаџерски функции, а ризиците што настануваат при тие менаџерски обврски се страдањето на кардиоваскуларниот систем и сѐ почестата модерна болест – иритабилност на дебелото црево што ја нарекуваат и бизнис-болест. Честите дијареи што се појавуваат токму поради стрес, алудираат дека нешто не е во ред со дебелото црево и тогаш е препорачливо да се направи колоноскопско испитување за да се утврди причината. При соочување со таква состојба, независно од тоа колку се здрави мешунките, дефинитивно треба да се исфрлат, како и пржената храна, месото, глутенот или, едноставно, сѐ она што го тревожи дебелото црево. И научно е докажано дека мажите многу повеќе страдаат од карцином на дебелото црево отколку жените, како и од карцином на белите дробови.

Исто така, состојбата на гихт во подоцнежниот период од животот многу почесто се појавува кај нив отколку кај жените. За да се намали гихтот, многу е важно од исхраната да се исфрли сѐ она што го тревожи организмот – тука спаѓаат месото, сувомесните производи, житарките со глутен, мешунките, јагнешкото месо, јајцата, кафето и чајот, како и алкохолот, особено црвеното вино. Се препорачува внес на банана, ананас, шумско овошје, особено цреши, вишни и боровинки, лиснат зелен зеленчук, ленено масло, целер, киноа, авокадо, диња, јаболко, круша, морков, ѓумбир, хелда, безглутенски леб и кај оние што не можат без млечни производи, обезмастени млечни производи од еколошко млеко и јогурт.

Проблеми со простатата во подоцнежната зрелост

Проблемот со простатата често се занемарува дури и кога ноќните мокрења се сѐ почести, што алармира дека нешто не е во ред. Заболување што е, исто така, сѐ почесто е појавата на рак на простатата. При исхраната треба да се избегнува сѐ што би можело да содржи пестициди во себе, да се ограничи внесот на црвено месо и да се прават редовни контроли на ПСА-тумор-маркерите за простата, што ќе овозможат навремено детектирање и лекување, пред да биде предоцна за тоа. Производи што ја штитат простатата се: лукот, комплексните јаглехидрати, но оние со низок гликемиски индекс, рибата наместо месото, потоа печурките, особено печурките шитаке и свежиот коренест зеленчук (броколи, целер, ‘рдокви, карфиол).

 

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Доставени три кандидатури за претседател на СДСМ, рокот истекува денеска во 16 часот

Следно

Стојанов: Инвеститорот е фер, ги обесштети новомаалци и по 70 години ќе живееме нормален градски живот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian