Обединетите Арапски Емирати Франција ги „бетонираа“ економските и политичките врски со Париз, купувајќи 80 борбени авиони „рафал“ и 12 хеликоптери „каракал“ за вкупно 17 милијарди евра.
Ова е најголем пакет борбени авиони што Франција воопшто некогаш го продала, а се надоврзува на продажбата на „рафали“ на Грција, Хрватска и на Египет. Во пакетот се и 12 хеликоптери „каракал“, кои се повеќенаменска верзија на моделот „суперпума“ на „Ербас“.
Историскиот договор во Дубаи свечено го потпишаа претседателот Емануел Макрон и принцот од Абу Даби, Шеих Мохамед бин Зајед ал Нахјан.
– Овој договор го цементира стратегиското партнерство, кое е посилно од кога било и директно придонесува за регионалната стабилност – соопшти Елисејската палата.
Франција веќе има своја воена база близу Абу Даби, а Емиратите во воената авијација имаат француски „мираж 2000“.

Преговорите за замена на „миражите“ со помодерни авиони „рафал“ се одвиваа повеќе од една деценија. Абу Даби во 2011 година ја одби како „некомпетитивна и нефункционална“ понудата од Франција за продажба на 60 авиони. Емиратите во меѓувреме нарачаа и американски борбени авиони „ф-35“, но Вашингтон не ја одобрил зделката поради загриженост за економските врски на заливската земја со Кина.