Некој отрул кучиња во Мариово, за малку ќе ги збришел сите мршојадци во земјава

3 mins read

Изминатата седмица тимот на Македонското еколошко друштво (МЕД) добил дојава дека на територијата на село Витолиште во Прилепско Мариово се случило масовно труење на кучиња и дека можеби отровот е сѐ уште таму и претставува потенцијална опасност за луѓето, но и за дивиот свет.

Со оглед на тоа што Мариово е извонредно богато со биолошка разновидност, настани со труење, макар и на домашни животни во село може да има огромни реперкусии по дивиот свет и поради тоа алармите се вклучија, велат од Друштвото.

„По добивањето на овие сознанија веднаш беа известени надлежните органи и започна координацијата за спроведување истрага за овој настан како и безбедно отстранување на кучињата. Меѓутоа, тоа што требаше да биде рутинска постапка набргу прерасна во итен случај затоа што воочивме дека два белоглави мршојадци опремени со GPS предаватели кои МЕД постојано ги следи во рамки на проектот BalkanDetox Life се токму во околината на Витолиште и се блиску до расфрлениот отров. Имајќи на ум дека белоглавите мршојадци се социјални птици кои речиси постојано летаат во јато, знаевме дека реалната бројка е многу поголема од две. Доколку овие птици стигнеа до отруените животни, можевме да се соочиме со комплетно истребување на мршојадците од нашата држава“, велат од МЕД.

„За среќа, наидовме на разбирање од страна на локалната гранична полиција, која беше известена за катастрофата која може да се случи и веднаш беше испратена екипа на локацијата каде што белоглавите мршојадци се слетани со цел да ги избркаат пред да почнат да јадат од телата на отруените животни. По половина час агонична неизвесност, стаса првиот повик од екипите на терен дека дури 18 птици се разбркани, а отруените кучиња се недопрени“, се вели во соопштението од Друштвото.

Следниот ден со поддршка од Општина Прилеп, која ја презема координацијата, на терен излегла увидна екипа од МВР, како и комунален инспектор, со цел да спроведе истрага за настанот како и соодветни мерки за расчистување на случајот. Направена беше и обиколка на теренот и за среќа не беа најдени отруени диви животни. За настанот е известен и јавен обвинител и се надеваме на соодветна истрага од страна на надлежните органи, додаваат од Друштвото.

Незаконското користење отров и понатаму претставува најголемата закана за опстанокот на мршојадците не само во Северна Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров. Проценката е дека во последните 20 години на Балканот имаат настрадано околу 2300 мршојадци, додека кај нас оваа пракса има доведено до целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец а ги има доведено египетскиот и белоглавиот мршојадец на само неколку гнездечки парови. На последното пребројување беа изброени само 24 белоглави мршојадци во Македонија, што значи дека доколку се отруле од кучињата во Витолиште, нивната популација ќе била функционално уништена.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Откриено кои се најголемите пијаници во светот

Следно

ВИДЕО: Преубав гест на фудбалерите на Зенит пред натпреварот со Ростов

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian