Со Дедо Мраз ќе стаса и сојот омикрон во земјава

4 mins read

Патувањата во странство во претстојниот празничен период се „идеални“ за пандемијата да се разгори, а новите соеви на коронавирусот да пристигнат во Северна Македонија, изјави за „Слободен печат“ искусниот епидемиолог доктор Александар Стојанов. Собирањето во затворени простори, особено во непроветрени, како и неносење маски во такви околности, е голем ризик за ширење на заразата, особено со недоволен број целосно вакцинирани граѓани во земјава, додава поранешниот директор на Центарот за јавно здравје Скопје.

– Младите ќе се собираат во станови и викендички, како и секоја Нова година, а тоа нема начин како да се забрани. Минатата година имавме само препораки да не се собираат во затворен простор. Ризикот за трансмисија на коронавирусот во затворен простор е многу голем и е поголем отколку на отворено. Јас сум сигурен дека во викендичка во Маврово, на минус 10 степени, никој нема да отвора прозорци, а кога никој не носи маски и не се контролираат вакцинални сертификати, условите се идеални за пренос на вирусот – вели д-р Стојанов.

„Сметката“ ќе дојде по празниците

Тој додава дека „сметката“ ќе ни дојде по Нова година, како што ни дојде и сојот делта од летоска со стотици починати поради свадбите и веселбите на гастарбајтерите од странство.

– Единствената шанса да го избегнеме или да го ублажиме тоа ни беше да продолжиме со вакцинацијата како на почетокот, но не завршивме добра работа на тоа поле. Тоа не е вина на Министерството за здравство. Факт е дека луѓето кај нас не сакаат да се вакцинираат, иако секаде каде што има добар опфат на вакцинација нема толку смртни случаи.

Со патување во странство, ќе дојде и сојот омикрон, вели д-р Стојанов.

– Туристичките агенции се очигледно незаинтересирани за епидемиологија и тераат бизнис. Не ги интересира дали ќе се разболат луѓе и дали здравствениот систем ќе биде оптоварен со ковид пациенти, со што се занемаруваат и другите потреби на пациентите – додава д-р Стојанов.

Професорот на Медицинскиот факултет д-р Никола Пановски за „Слободен печат“ вели дека треба да се донесе пакет-мерки, со кои ќе се направи обид да се контролира ширењето на вирусот и да се забави преносот на нови соеви.

Политичарите да почнат кампања „Не правете како нас…“

– Може да се донесе само препорака да нема собирања во викендички или во домашни услови, но Комисијата тоа не може да го забрани. Ако се донесат мерки за рестрикција, тоа треба да е полициски час по 22 часот, каде што би се минимизирал проблемот со собирања во ноќни клубови или во домашни услови. Децата треба да учат од дома или да ротираат во училиштата со физичко присуство, а во угостителските објекти да се оперира со капацитет од 30 проценти. Исто така, треба да се контролира јавниот превоз каде што има ризик од трансмисија. Воедно, политичарите нека почнат кампања ,,Не правете како нас, носете маски, иако ние не носевме цела изборна кампања“, со додавка ,,вас ќе ве казнуваат, а нас не нѐ казнуваа”, вели д-р Пановски.

Со последните владини мерки, дозволено е да работат баровите и ноќните клубови, дискотеките, како и угостителските објекти за свадби, родендени и други веселби во затворениот дел од објектот со 50 проценти исполнетост од капацитетот на просторот. Со сертификат за вакцинација или со потврда за прележан ковид не постара од 45 дена, се дозволува влез во објекти од отворен и затворен тип, како кафетерии, ресторани, барови, дискотеки, хотели…

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Страшна трка за титулата во Премиер лигата – Челси, Сити и Ливерпул

Следно

Финска, Норвешка и Исланд се најбезбедни земји во светот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian