Омикрон се шири експлозивно, до јануари може да доминира во Европа

10 mins read

Новиот сој на коронавирусот се шири експоненцијално, со загрижувачка брзина во Јужна Африка и низ светот, а Париз стравува дека веќе до крајот на јануари омикрон може да доминира меѓу случаите во Франција.

Најмалку 11 европски земји веќе потврдија дека регистрирале случај на сојот омикрон. Сомнителни случаи пријавија Грција и Албанија. Барем еден случај на новиот сој завчера беше потврден во САД, Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати, а омикрон претходно го имаше и во Канада, Боцвана, Кина, Австралија и Израел.

Во Европската Унија до вчера напладне имаше вкупно 59 случаи на варијантата омикрон во 11 членки. Со вкупно 16, најмногу ги има Холандија, 14 се потврдени во Португалија и девет во Германија. По четири има во Данска и во Италија, по три во Австрија и во Шведска, по два во Белгија и во Шпанија и еден во Чешка. Ниту еден од случаите не предизвикал сериозна болест или смрт.

Советникот на француската влада Жан-Франсоа Делфреси изјави дека „главниот противник“ на Французите сѐ уште е варијантата делта, која го предизвика петтиот бран на пандемијата, но со прогресивното ширење омикрон може да ја преземе доминацијата веќе од крајот на јануари.

Во Јужна Африка, каде што првпат беше забележана новата варијанта, омикрон се шири експоненцијално. Бројот на новозаразени случаи се зголемил од просечно 300 на ден кон средината на ноември на повеќе од 1.000 на крајот од месецот. На 1 декември во Јужна Африка веќе бил потврден 8.561 нов случај. За споредба, на 24 ноември имало 1.275 случаи.

Мишел Гроом од јужноафриканскиот Национален институт за преносни болести изрази голема загриженост поради високата заразност на новата варијанта на ковид-19. Докторката истакнува дека дури 74 отсто од случаите испитани во изминатиот месец го потврдиле новиот сој, иако тој првпат беше откриен на 8 ноември во Гаутенг, најнаселената јужноафриканска провинција.

„Запознавање“ со новиот непријател

Светската здравствена организација го категоризираше омикрон како „загрижувачки“ сој, но сѐ уште нема детални анализи дали тој предизвикува потешки форми на ковид-19 во споредба со делта и претходните варијанти.

Епидемиологот Марија ван Керхов од СЗО укажува дека првите анализи за заразноста на омикрон ќе бидат познати „за неколку денови“, а потоа ќе се гради стратегија како здравствените системи треба да му се спротивстават.

Јужноафриканскиот институт објави дека првичните епидемиолошки податоци потврдуваат дека омикрон „може да пробие засилен имунитет“, но и дека веќе постојните вакцини „би требало доволно добро да заштитуваат од тешки форми на болеста и од смрт“.

Шефот на „Бионтек“ Угур Шахин тврди дека вакцината што неговата компанија ја разви заедно со „Фајзер“, „веројатно дава силна заштита од тешки симптоми и кај лица заразени од новиот сој“.

Професорот Нил Фергусон од лондонскиот Империјал колеџ, шеф на групата за анализа и моделирање зарази, предупредува дека забрзаните мутации не мора да значат дека ковид ќе прерасне во болест со поблаги симптоми. Тој укажува дека до крајот на декември нема да се знае ризикот од омикрон и веројатноста на двете екстремни сценарија – дали сојот ќе предизвикува тешки симптоми и сериозно ќе ги оптовари здравствените системи, или како доминантна варијанта што предизвикува поблаги симптоми ќе ги истисне претходните што се поопасни.

– Вирусот настојува да се реплицира брзо во респираторните органи и да се пренесе лесно во околината. На вирусот не му е грижа дали ќе го убие домаќинот за десет дена – вели Фергусон.

Алфа и делта мутираа на полошо

Таквите процени ги поттикнаа британските власти повторно да воведат задолжително носење маски – што е силна мерка против ширење на вирусот, за разлика од вакцините, кои спречуваат потешки форми на болеста.

– Иако сѐ уште не се достапни податоци колку сериозна болест предизвикува сојот омикрон, се очекува евентуалниот силен бран инфекции да предизвика зголемен број тешки случаи во број што би го претоварил капацитетот на здравствениот систем – предупредуваат британските советници за пандемиската стратегија на Лондон.

Друга мерка, која веќе ја спроведуваат и Англија, но и низа други земји низ светот, е строго ограничување на влезот и излезот во земјата, придружено со задолжително тестирање на сите патници на кои им е дозволено да пристапат во Обединетото Кралство.

Фергусон објаснува дека вирусите вообичаено мутираат со време во поблаги варијанти, но и дека тоа не е правило што важи секогаш. Тој посочи дека двете најраспространети варијанти на ковид-19, алфа и делта, предизвикувале потешки симптоми отколку нивните претходници.

– Рано е да се каже дали омикрон ќе биде потежок или поблаг од претходните варијанти. Алфа беше посурова од претходниот сој, што беше ублажено со ефикасни третмани, но и делта повторно беше посурова од својот претходник. Трендот што води кон поголема суровост го запираме со подобри третмани, што значи дека луѓето денес се подобро заштитени од тешки случаи на ковид-19 отколку во времето на почетокот на пандемијата – објаснува професорот Фергусон.

Тој смета дека на фармацевтските компании ќе им бидат потребни повеќе од две недели, колку што самите објавуваат, за да развијат вакцина што би била ефикасна и против омикрон.

Повикувајќи се од искуствата при појавувањето на варијантите алфа и делта, Фергусон смета дека ќе бидат потребни три до четири недели за да се добие попрецизна претстава за заразниот потенцијал на омикрон и за ефикасноста на вакцините.

– Мора да бидеме трпеливи. На крајот од овој месец ќе имаме попрецизна слика – вели професорот.

Тревоги во Грција и во Албанија

Грција и Албанија се првите балкански земји што кренаа тревога поради можно присуство на варијантата омикрон. Сомнителниот случај во Грција е грчки државјанин што пристигнал од Јужна Африка на Крит. Претседателот на Националната организација за јавно здравје Теоклис Заутис објасни дека кога на 26 ноември заразеното лице пристигнало на аеродромот на Крит, тестот покажал негативен резултат. Лицето следниот ден развило благи симптоми, но негативни биле резултатите на сите брзи тестови, сѐ до 29 ноември. Поради сомневањата дека е пренесена варијантата омикрон, резултати се испратени на дополнителни анализи и синоќа се очекуваа резултати.

– Прашање на време беше кога и во нашата земја ќе ја откриеме варијантата омикрон. Видовме дека таа многу брзо се прошири во земји од Европската Унија – изјави Заутис, јави МИА од Атина.

Албанската министерка за здравство Огерта Манастирлиу изрази загриженост поради ширењето на омикрон и повика на уште помасовна имунизација од ковид-19. Институтот за јавно здравје испратил примероци од сомнителни случаи на анализа во странски лаборатории, по што ќе се знае дали оваа варијанта циркулира и во Албанија.

– Институтот за јавно здравје ги подготвува примероците според протоколите за да ги испрати за анализа. Потоа ќе знаеме со сигурност дали оваа варијанта циркулира и кај нас. Она што многу значајно е да го подигнеме нивото на претпазливост – изјави Манастирлиу, јави МИА од Атина.

Мерки во Србија и во Црна Гора

Србија поради новиот сој омикрон усвои дополнителни мерки за патниците од Африка, но Кризниот штаб не препорачал поместување на зимскиот распуст од вообичаениот термин од 31 декември до 24 јануари.

Дарија Кисиќ Тепавчевиќ од Кризниот штаб изјави дека сите патници што пристигнуваат во Србија од Јужна Африка, Малави, Мозамбик, Боцвана, Лесото, Намибија и Зимбабве, ќе бидат тестирани на аеродромот и ако се негативни, ќе бидат префрлени во строг карантин 14 дена. Евентуално позитивните случаи ќе бидат префрлени во соодветната амбуланта или болница.

– Клучниот апел за граѓаните е да се вакцинираат – порача Кисиќ Тепавчевиќ. Во Србија 57 отсто од полнолетните граѓани примиле барем една доза од вакцините против ковид-19, 54 отсто се ревакцинирани, а над 30 отсто примиле и трета доза.

За влез во Црна Гора, од вчера е задолжителен дигитален сертификат. Ако немаат сертификат, црногорските државјани и странците со право не престој ќе бидат изолирани десет дена.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Со графит до подигнување на свеста кај младите за важноста на интегритетот во борбата против корупцијата

Следно

Османи: Поворката со посмртните останки на загинатите ќе помине низ Скопје, граѓаните можат да им одадат почит

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian