Опасни митови што кружат за консумирањето алкохол и ковид-19: Не верувајте во ова!

6 mins read

Секоја година, од 15 ноември до 15 декември, се одбележува Mесецот на борбата против алкохолизмот и другите зависности.

Во ковид-пандемијата, потребно е и важно да се информираме и за другите здравствени ризици за што подобро да се справиме со актуелната ситуација.

Митови за алкохолот и ковид-19

Мит: Со консумирањето алкохол го уништуваме вирусот кој предизвикува ковид-19.
Факт: Консумирањето алкохол нема да го уништи вирусот. Напротив, ги зголемува ризиците од влошување на здравјето доколку некое лице се зарази со вирусот. Алкохолот (со минимална концентрација од 60 отсто), делува како средство за дезинфекција на кожата, но остава штетно дејство врз организмот при консумирањето.

Мит: Консумирањето силен алкохол го убива вирусот што сме го вдишиле со воздухот.
Факт: Консумирањето алкохол не го убива вирусот и не ги дезинфицира устата и грлото. Исто така, не обезбедува никаква заштита од ковид-19.

Мит: Алкохолот (пиво, вино, дестилирани алкохолни пијалаци и растителен алкохол) го поттикнува имунитетот и отпорноста на вирусот.
Факт: Алкохолот има штетно влијание врз имунолошкиот систем и не го поттикнува работењето на имунитетот и отпорноста на вирусот.

Алкохолот и пандемијата на ковид-19 – препораки на Светската здравствена организација (СЗО)

– Избегнувајте алкохол за да не го оштетите имунитетот.
– Останете трезни за да можете да бидете претпазливи и да донесувате добри одлуки не само за себе, туку и за вашето семејство и за луѓето околу вас.
– Избегнувајте алкохол како изговор за консумирање цигари и обратно, пушењето е поврзано со позначајни компликации и прогресија на вирусот ковид-19.
– Погрижете се децата и помладите членови на семејството да немаат пристап до алкохол и не дозволувајте им да експериментираат со алкохолот – бидете добар пример за децата.
– Разговарајте со децата и младите за проблемите кои алкохолот може да ги предизвика во ковид-пандемијата, како што е прекршувањето на мерките бидејќи тоа може да ја влоши ситуацијата за сите.
– Следете колку време поминуваат вашите деца на екранот (вклучувајќи ТВ) и гледаат реклами за алкохол, што може да ја поттикне консумацијата.
– Никогаш не мешајте алкохол со лекови, дури ниту кога станува збор за билни лекови. Алкохолот го намалува дејството на лековите или го зголемува нивното дејство до ниво каде што тие стануваат опасни.
– Не консумирајте алкохол ако земате каков било лек кој делува на централниот нервен систем (лекови против болки, таблети за спиење, антидепресиви и сл.), бидејќи алкохолот може да ја наруши функцијата на црниот дроб и да предизвика откажување на црниот дроб или други сериозни проблеми.

Алкохолот и изолацијата

Бидејќи алкохолот претставува ризик за здравјето и безбедноста, треба да се избегнува за време на изолацијата.
1. Ако работите од дома, обидете се да ги следите правилата што се во склад со работното место и не пијте. Треба да знаете дека по паузата за ручек сепак треба да работите, а тоа не е можно ако сте под дејство на алкохол.
2. Алкохолот не е дел од секојдневната исхрана и не треба да биде приоритет на листата за купување. Избегнувајте таложење алкохол дома бидејќи тоа потенцијално може да ја зголеми потрошувачката и да создаде навика во вашето домаќинство да го пиете.
3. Подобро е да ги вложите времето, парите и другите ресурси во купувањето здрава храна, која ќе го подобри вашето здравје и ќе го стимулира имунолошкиот одговор на телото.
4. Можеби мислите дека алкохолот ви помага да се справите со стресните ситуации, но тоа навистина не е добар начин да се справите со стресот. Познато е дека алкохолот ги зголемува симптомите на анксиозност и депресија, како и ризикот од семејно насилство.
5. Не изложувајте алкохол пред децата и другите помлади членови на семејството и не консумирајте алкохол пред нив.
6. Конфликтите во семејството, злоупотребата и запоставувањето на детето може дополнително да биде поттикнато ако член на семејството е склон кон консумирање алкохол, особено во повеќечлените семејства каде што изолацијата од членот на семејството кој пие е невозможна.
7. Алкохолот што се користи за дезинфекција важно е да се чува надвор од дофатот на децата и малолетниците, особено ако консумираат алкохол, па тие средства може да се злоупотребат.
8. Консумирањето алкохол може да се зголеми во текот на самоизолација, а алкохолот и изолацијата може да го зголемат ризикот од самоубиствени мисли, па затоа е важно да се намали консумирањето алкохол.
9. Алкохолот е тесно поврзан со насилството, вклучувајќи го и партнерското насилство, кое дополнително се влошува со консумирањето алкохол. Ако сте жртва на насилство и сте принудени да живеете во заеднички простор со насилникот, побарајте помош и поддршка од пријатели или од други членови на семејството. Исто така, за помош можете да се обратите на службите за пружање поддршка на жртвите на семејно насилство.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Германскиот министер Рот: Ситуацијата во БиХ е опасна за европскиот мир

Следно

Герасимовски: Ќе иницирам средби со граѓаните пред секоја нова реконструкција во општината

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian