Матична лекарка не ги прима парите за вакцинирани пациенти: Мерката го гази нашето достоинство

2 mins read

„Наместо поддршка, најавените 30 денари по пациент за докторите се понижување и девалвирање на трудот. Како тим, немаме намера да ги принудуваме пациентите на вакцинација, а не ни требаат пари за да посочиме дека имунизацијата е важна и неопходна за секој кој сака да се заштити од коронавирусот“, напиша на Фејсбук матичната лекарка д-р Марија Михајлова.

Таа вели дека започнува иницијатива за враќање во Фондот за здравство на парите кои им се ветени на матичните лекари кои ќе имаат над 70 отсто вакцинирани пациенти. Овие пари треба да се искористат за лекување на пациенти во странство, вели Михајлова, додавајќи дека ќе бараат доказ дека парите завршиле на вистинско место.

„Со оваа мерка се погази достоинството на докторите. Со денови слушаме пациенти кои велат: „Ајде докторке, ние сме вакцинирани, ќе земете 30 денари“. Можеби некој од нив и на шега, но е голем удар за нас како медицинари. Никој не нѐ праша дали се сложуваме со ваква мерка, а ако нѐ прашал одговорот ќе бил – не. Затоа што не ни треба стимулација за да си ја работиме работата, туку вреднување на нашиот труд. Ако веќе некој помислил на нас и кажува дека матичните доктори го носат најголемиот товар, да потсетиме дека пет години поминаа откако беше најавено дека капитациониот бод ќе биде високо вреднуван, заедно со услугите кои ги даваме. Ова не се оствари, а ние уште чекаме“, вели Михајлова, повикувајќи ги колегите да размислат за враќање на парите во Фондот за здравствено осигурување.

„Нам тие нема ништо да ни сменат, но ние можеме да смениме нечиј живот. Бидејќи нашиот труд, професионалност и одговорност не треба никој да ја стимулира, туку да ја вреднува“, вели д-р Михајлова.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Најмалку четворица мртви во пукање во Атланта

Следно

ВИДЕО: Сега Кристијано Роналдо ја излажа јавноста околу „Златните топки“!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian