Стоматолог Илија Караманов: Поради неправилно подредени заби, пациентите се жалат на болки во главата и во вратот

2 mins read

Ортодонтската терапија започнува уште во раната детска возраст. Посебно внимание треба да се обрне на превентивата, а самата ортодонтска терапија најчесто почнува со мобилни апаратчиња.

Зависно од поставената дијагноза, односно од тежината на случајот, носењето мобилни ортодонтски апаратчиња претставува само почетна фаза од еден сложен ортодонтски третман, кој завршува со поставување на фиксни брикети. Треба да се напомене дека спецификата на детската возраст и нередовното носење на мобилните апаратчиња, придонесуваат некои видови малооклузии мора да се третираат и со фиксни протези.

Фиксниот ортодонтски третман може да започне некаде околу дванаесеттата година од животот, може и малку порано, зависно од присутноста на трајните заби во устата и нивните оформени корени. Може да биде спроведена и во понапредната возраст. Многупати се мисли дека со ортодонтските третмани се добиваат само правилно наредени заби, но всушност, со нив се овозможува правилно одвивање на оралните функции (џвакање, голтање, говор), како и правилна функција на темпоромандибуларниот зглоб. Многу често, ортодонтската терапија ја подобрува и физиономијата на лицето со тоа што ги изедначува третините на лицето, особено ако се работи за отворен загриз или длабок загриз. Промената на надворешниот изглед кај пациентот во голема мера ја враќа неговата самодоверба.

Кога забите се неправилно подредени, многу пациенти се жалат на болки во главата, болки во вратот, особено во пределот на увото, кои се резултат на промени на функцијата на темпоромандибуларниот зглоб. Кај многу пациенти пак, се појавуваат големи проблеми со пародонтопатија и кариес, кога е присутна збиеност на забите, кои создаваат затворени простори што се тешки за чистење. Користењето на преработена мека храна и наследните фактори исто така имаат удел во појавата на малформациите.

Свесноста кај пациентите за сопствениот проблем сѐ повеќе расте и затоа сѐ почесто среќаваме деца и возрасни со фиксни ортодонтски апарати.

Денес, кај фиксната ортодонција, постои голем избор на методи и системи, кои се употребуваат (класични, самолегирачки, лингвални…) и сите тие се развиваат сѐ повеќе, со цел да бидат поефикасни и да дадат побрзи и постабилни резултати. Кој метод ќе се употреби зависи од лекарот, кој ја проценува состојбата и го дава своето стручно мислење.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Мета изрази сочувство за трагичниот настан кај Дечани

Следно

96 санкционирани возачи во Скопје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian