Црното и белото во црно-белиот филм „Passing“ на Ребека Хал

5 mins read

По успешното деби на годинешниот филмски фестивал „Санденс“, цено-белиот филм „Passing“ неодамна беше додаден на стриминг платформата Нетфликс и стана достапен за широката публика.

Базиран на истоимениот роман од 1929 година на Нела Ларсен, „Passing“ претставува режисерско и сценаристко деби на актерката Ребека Хал („The Prestige“, „Awakening“, „Iron Man 3“, „The BFG“, „Godzilla Vs. Kong“), каде главните улоги ги толкуваат Теса Томппсон, Рут Нега, Андре Холанд, Бил Камп и Александар Сказгард.

Passing/Twitter
Passing/Twitter

Како што и самиот наслов навестува, „Passing“ (превод: поминување) е филм кој навлегува во проблематиката на расниот идентитет, расната и класната нееднаквост со која се соочуваат Афроамериканците во тој период, како и сите привилегии што ги уживаат оние кои имаат доволно светла кожа за да бидат перципирани како бели, а со тоа и прифатени во општеството.

Оттаму станува јасна симболиката зад одлуката на Ребека Хал да сними црно-бел филм, потег со кој јасно се оцртуваат тогашните (и сегашните) разлики помеѓу животите на припадниците на едната и другата раса.

Ребека Хал/ EPA/GUILLAUME HORCAJUELO
Ребека Хал/ EPA/GUILLAUME HORCAJUELO

Што значи да си црнец кој „поминува“ како белец во Америка?

„Passing“ се обидува да даде одговор на тоа прашање, следејќи ја приказната на две црни жени кои живеат во 1920-тите во Њујорк, но сепак во два сосем различни света.

Passing/Twitter
Passing/Twitter

Ајрин Редфилд (Теса Томпсон) е црна жена со светла кожа која живее во Харлем. Нејзиниот живот е многу подобар од оној на најголемиот дел на црнци кои во тоа време живеат во Америка. Таа е истакната фигура во локалната црнечка заедница, организира настани и присуствува на бројни забави. Нејзиниот сопруг Брајан (Андре Холанд), кој е исто така црнец, работи како доктор, овозможувајќи му на своето семејство стабилна финансиска состојба и мирен живот во голема куќа.

Но, и покрај сè, Ајрин не може да ја пофати расната дискриминација со која се соочуваат останатите црнци околу неа, а нејзиниот немир е дополнително разбрануван кога случајно ќе се сретне и поврзе со Клер Белју (Рут Нега), нејзина пријателка од детството.

Клер е исто така црна жена со светла кожа која била одгледана од своите бели тетки по смртта на нејзиниот татко. Но, она што претставува клучна разлика помеѓу Ајдин и Клер, е тоа што Клер го злоупотребува фактот што може да „помине“ како бела. Со цел да стекне општествени привилегии и да си обезбеди посигурен и полесен живот, Клер живее во море од лаги, само-неприфаќање и чувство на вина. Таа е венчана со Хју (Александар Сказгард), белец кој отворено ја искажува својата омраза кон црнците, комплетно несвесен дека неговата сопруга е една од нив.

Во моментот кога Ајрин сфаќа што се случува, таа почнува да ја избегнува Клер неможејќи да го прифати нејзиното лицемерие. Од друга страна пак, Клер, која е длабоко незадоволна, несреќна и осамена, признава дека инспирирана од силата и храброста на Ајрин која искрено живее во својата кожа. Клер почнува сè почесто непоканета да се враќа кај Ајрин дома, да се дружи со нејзиното семејство и пријатели и да ги освојува со својот шарм и необична убавина.

Ова однесување буди нетрпение и љубомора кај Ајрин, означувајќи го моментот кога филмот добива нова, сосем универзална и човечка димензија, не толку базирана  на расниот идентитет, колку на женскиот. Трагичниот крај само го потврдува целиот терор и неправда со кој црните луѓе се соочуваат до ден денешен.

Passing/Twitter
Passing/Twitter

Можеме ли да го избереме сопствениот идентитет?

„Passing“ е прекрасно снимена деликатна и внимателна критика на општеството и вечните расни и класни борби на припадниците на небелите расни групи, а Теса Томпсон и Рут Нега се фантастични во своите улоги, беспрекорно доловувајќи ги контрастните идеали и принципи на двете жени.

Импресивниот дизајн на костими ги оживува 1920-тите на автентичен начин, додека пак музиката на Девонте Хајнс, ги отсликува внатрешниот и меѓусебниот конфликт кај црните жени кои „поминуваат“ како бели.

Со своето споро темпо, тешка атмосфера и темни слоеви, „Passing“ го предизвикува гледачот да размислува на оваа тема од повеќе перспективи без разлика на неговата расна припадност, поставувајќи безброј прашања за можноста за избор на сопствениот идентитет и последиците што следат.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Бод за Димитриевски на „Местаља“, Рајо останува во трката за ЛШ

Следно

Почина новинарот Тодор Пендаров

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian