Дали новиот вид коронавирус е најопасен досега?

3 mins read

Велика Британија денеска објави дека научниците веруваат дека новоидентификуваната варијанта на коронавирусот, која се шири во Јужна Африка, е најзначајната варијанта откриена досега и дека затоа е неопходно да се утврди дали е отпорна на вакцината.

Британската агенција за здравствена безбедност објави дека варијантата наречена B.1.1.529 има шилест протеин кој драматично се разликува од оној во оригиналниот корона вирус на кој се базираат вакцините против ковид-19, пренесува „Ројтерс“.

Водечките научници синоќа ја опишаа B.1.1.529 како најлошата варијанта што ја виделе од почетокот на пандемијата, бидејќи има 32 мутации во шилестиот протеин, делот од вирусот што повеќето вакцини го користат за да го подготват одговорот на имунолошкиот систем на ковид.

Ова е приближно двојно повеќе од бројот мутации поврзан со делта сојот.

Мутациите во шилестиот протеин може да влијаат на способноста на вирусот да ги инфицира клетките и да се шири, но и да го отежнат имуните клетки да го нападнат патогенот.

Британскиот министер за транспорт Грант Шапс, кој ја бранеше одлуката на Лондон да ги забрани летовите од Јужна Африка, Намибија, Боцвана, Зимбабве, Лесото и Есватини, рече дека преземањето навремена акција е од клучно значење.

Фото: EPA-EFE/NIC BOTHMA

– Како што опишаа научниците, ова е најзначајната варијанта што ја сретнале досега во нивното истражување, изјави Шапс за Скај Нјуз.

Медицнските експерти ја советувале владата во Лондон за потребата да реагира брзо и превентивно во случај да се потврди загриженоста за оваа варијанта, иако може да потрае неколку недели за да се соберат сите потребни информации за нејзините карактеристики.

Новиот вид е пронајден и во Боцвана и Хонг Конг, но британската агенција за здравствена безбедност наведува дека ниту еден случај на таа варијанта не е откриен во Британија.

Сепак, научниците стравуваат дека варијантата, позната како B.1.1.529, би можела да биде попренослива и поотпорна на вакцини, пренесува Би-Би-Си.

Британскиот весник „Гардијан“ наведува дека досега се потврдени 50 случаи на нова варијанта на корона вирусот во Јужна Африка, Хонг Конг и Боцвана.

Научниците со анализа утврдиле дека B.1.1.529 има многу необична структура на мутации, кои се загрижувачки бидејќи би можеле да му помогнат да го избегне имунолошкиот одговор на телото и да го направат попренослив.

Фото: EPA-EFE/KIM LUDBROOK

Секоја нова варијанта што може да избегне вакцини или се шири побрзо од делта соевите, сега доминантна варијанта, може да претставува значајна закана, проценуваат експертите.

Раните анализи од дијагностички лаборатории сугерираат дека варијантата брзо се раширила во Гаутенг, провинција во Јужна Африка, и можеби веќе е присутна во останатите осум провинции на таа земја.

Јужна Африка потврдила околу 100 случаи на B.1.1.529, но таа варијанта е пронајдена и во Боцвана и Хонг Конг, а вториот е патник кој пристигнал од Јужна Африка.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Овој простор е лицето на општина Гази Баба – Граѓаните реагираат да се санираат и чуваат клупите

Следно

„24 Часа“: Бугарски државјанин по грешка вклучен на листата на повредени лица од несреќата на автобусот на „Беса транс“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian