Совет на Европа: Потребна е борба и против дигиталната димензија на насилството врз жените

2 mins read

Брзиот развој на информатичките и комуникациските технологии придонесе за отворање на нови патишта за насилство врз жените и девојчињата, изложувајќи ги на поголем ризик од злоставување, предупреди денеска телото на Советот на Европа за мониторинг на Истанбулската конвенција.

Група експерти на СЕ за борба против насилството врз жените и семејно насилство (ГРЕВИО) објави препорака за борба против дигиталната димензија на насилството пред Меѓународниот ден на борба против насилство врз жените, што се одбележува утре.

Дигиталното насилство вклучува исмевање на нечиј изглед, испраќање на несакани сексуални слики, споделување лични податоци на „целта” на интернет без нејзина согласност.

ГРЕВИО истакнува дека постојат „големи дупки” во националните закони кога станува збор за онлајн насилството врз жените. Тие предлагаат акции засновани на четирите столба на Истанбулската конвенција – превенција, заштита, кривично гонење и координирана политика.

Статистиката покажува дека 45 отсто од жртвите на семејно насилство доживеале некаков вид на онлајн злоупотреба за време на врската, а 48 отсто биле изложени на вознемирување или онлајн злоупотреба по крајот на врската.

Мерките што се предлагаат за борба против насилството врз жените вклучуваат ревидирање на законодавството во согласност со дигиталната димензија на насилството, иницијативи за искоренување на родовите стереотипи и дискриминација, промовирање на вклучувањето во дигиталната писменост и онлајн безбедноста и развивање и ширење информации за правни совети и услуги за поддршка.
Исто така, се препорачува услугите за поддршка и советување да бидат достапни за сите жртви, да се обезбедат обуки и финансирање за професионалци во областа, посредниците на интернет да се охрабрат да ја споделат одговорноста и да преземат мерки за да се запре неказнивоста на дигиталното насилство.

Една од препораките е да се вклучи дигиталната димензија на насилството врз жените во националните стратегии и акциските планови и да се воспостави систем за собирање податоци за овој вид насилство врз жените.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Од утре повторно ќе сообраќа автобус од Жданец до Сити Мол и обратно

Следно

Борусија му нуди двојно поголема плата на Халанд за да остане на „Сигнал Идуна Парк“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian