Нашата позната пејачка Викторија Лоба ни раскажа интересни моменти како изгледа едно нејзино деноноќие.
„Прво нешто што гледам кога ќе се разбудам наутро, се очите на моите кутриња Маша и Дуња, такви големи, директни, полни со неизмерна љубов и подготвени за утринско гушкање. Морам да признаам дека тоа е најубавиот момент што би го издвоила во ова мое секојдневие.
Брз туш и го вклучувам апаратот за кафе да ми направи убаво ароматично кафе, па потоа седнувам на раат да ги проверам мејловите и да ги прегледам денешните обврски, кои секогаш ги запишувам во мобилниот телефон.

Многу сакам да појадувам дома, па ако имам прилика, си правам омлет или нешто слично, на брза рака, пред да излезам од дома.
Попладнето ми е резервирано за состаноци или снимања, фотосесии. Некогаш тоа може да трае и по 6-7 часа, така што најчесто ручам многу доцна, околу 18 часот, и тоа ми е последниот оброк во денот.

Во деновите кога имам настапи, имам посебни ритуали и подготовки, така што тогаш целосно се посветувам на подготовките за настапот, но за тоа ќе ви раскажам следен пат…
Кога се враќам дома секогаш сум радосно дочекана од моите кутриња и тогаш најчесто ги земам со мене да „свртиме“ кругче во маало за да се прошетаме.

Навечер, трипати неделно одам на пилатес и денот го завршувам повторно со туширање, па шолја чај и муабет со домашните по пижами…“
Извор: www.slobodenpecat.mk