Нема специјалисти, а казните за матичните лекари „специјални“!

3 mins read

Матични лекари од Скопје, Прилеп, Кавадарци и други градови се револтирани зашто Фондот за здравствeно осигурување на Македонија (ФЗОМ) драконски ги казнил откако им препишале лекови на пациенти без препорака од соодветен специјалист. За две рецепти издадени во Кавадарци, ординација треба да плати 30 илјади денари, не затоа што на пациентот не му бил потребен лекот што му бил издаден, туку затоа што матичниот лекар му го дал по препорака на несоодветен лекар-специјалист.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова за „Слободен печат“ тврди дека само во Прилеп 55 матични лекари добиле казни поради ваков „прекршок“. Таа посочи и пример, кога психијатар го препишал лекот наместо невролог, иако терапијата не била погрешна. Според неа, летово, на состанок со директорот на ФЗОМ, со министерот за здравство и матичните лекари било заклучено казните да им се поништат на матичните, зашто станува збор за административна грешка. Особено што во градовите од внатрешноста нема доволно специјалисти, мора да ротираат, со што се зголемува и ризикот на смена воопшто да нема специјалист.

– Фондот не донесе мораториум на казнената политика, иако ветуваше. Примарното здравство, во пандемијата, насекаде во регионот беше наградувано и стимулирано. Кај нас, на матичните лекари им стигнуваат казни од пред две-три години. Замолуваме како Здружение на приватни матични лекари уште еднаш да се разгледа одлуката на Фондот да изрекува казни за лекови кон матични лекари. Има дефицит на кадар во сите градови, наизменично се менуваат специјалистите, оттаму и вакви „грешки“. Најбитно е пациентот кој ќе дојде да биде услужен – вели доктор Чолакова Дервишова и додава дека државата е виновна зашто нема доволно интернисти.

Од Фондот за здравство велат дека изминатиот период ја олесниле казнената политика.

„Во текот на 2019 година, со склучување на анекс-договори драстично беа намалени казните. Се воведе мораториум, мирување или одлагање за изрекување на договорните казни од 1 јануари 2019 до 30 јуни 2019 година, во соработка со надлежните комори. Во 2020 година, Фондот ги намали контролите во здравствените установи за да излезе во пресрет на лекарите кои се справуваа со ковид-пандемијата. Фондот овозможува здравствената установа да поднесе приговор и да приложи дополнителни докази. Во комисиите учествуваат и претставници од соодветните комори со еднакво право на глас“, велат од ФЗОМ за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека ако истата повреда се повтори двапати во текот на договорот, договорната казна би требало да се удвои, но од Фондот за време на пандемијата правеле отстапка, набројувајќи ги сите други: препишување лекови на товар на ФЗОМ, антибиотици и анксиолитици над дозвлениот лимит, продолжување на важноста на специјалистичките извештаи и конзилијарни мислења на повеќе од една година, можноста за лекарска замена при отсуство на избраниот лекар поради болест или изолација, исплата на капитација и кога услугите се даваат без сестра од истите причини итн.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Автомобил влета на божиќна парада во Висконсин: Најмалку 5 загинати и 40 повредени, меѓу кои и деца

Следно

Биков: Изборот на Радев нема да ги смири политичките тензии во Бугарија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian