Хелен Мирен добитник на наградата SAG за животно дело

2 mins read

Screen Actors Guild (SAG) ќе и доделат награда за животно дело на британската актерка Хелен Мирен на церемонија во февруари следната година, објавија организаторите.

Оскаровката Мирен досега одигра повеќе од 70 улоги во нејзината 45-годишна кариера во филмот, телевизијата и театарот, почнувајќи од кралицата Елизабета до атентатор на тајната служба.

„Хелен Мирен е едноставно брилијантна, таа е голем талент“, рече актерката Фран Дрешер, претседателка на синдикатот на холивудските актери SAG-AFTRA.

„Таа многу високо ја постави границата за сите нејзини колеги актери и со секоја нова улога успева да ги надмине сопствените извонредни достигнувања“, додаде Дрешер.

76-годишната Мирен ќе ја додаде наградата за животно дело на претходно освоените награди, вклучувајќи еден Оскар, четири Еми, пет SAG награди, награда Тони и два Златни глобуси.

Таа ја започна својата кариера во 1960-тите години на британските даски кои значат живот, а клучниот момент за пробив во светот на филмот и телевизијата беше нејзината улога на проблематичен полициски детектив во серијата „Осомничени“. Таа потоа направи блокбастери како „Кралицата“, „Госфорд парк“, „РЕД“…

Мирен рече дека и е чест да ја прими наградата SAG, која ќе и биде врачена на церемонијата во Лос Анџелес на 27 февруари.

„Оваа награда е особено значајна за мене бидејќи отсекогаш сум била инспирирана од американската филмска школа од која научив многу“, рече таа.

Меѓу победниците на SAG за животно дело се Роберт Де Ниро, Керол Барнет, Лили Томлин и многу други.

Родена е како Илена Васиљевна Миронова. Нејзиниот татко Василиј Миронов е со руско потекло, а нејзината мајка Кетлин Роџерс е Британка.

Во 1950-тите, нејзиниот татко го англизирал неговото семејно презиме.

Наградите на Screen Actors Guild се особено драги на актерите бидејќи доаѓаат од еснафот. Првата церемонија на доделување на SAG беше одржана во 1995 година. Организацијата има повеќе од 115.000 активни членови.

Секој април 2.200 активни членови по случаен избор учествуваат во изборот на кандидати за комисијата која ги избира најдобрите достигнувања на колегите од филмот и телевизијата во 15 категории.

ИЗВОР:  lokalno.mk

Претходно

Објавено првото ВИДЕО – Ким Кардашијан и Пит Дејвидсон се држат за рака

Следно

Европската недела на тестирање за ХИВ: Секој ден тестирање во Младинскиот центар на ХЕРА со брзи ХИВ тестови

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian