Гаши сака да биде Ахмети во новата влада

7 mins read

Расположението на мнозинството членови на Алтернатива е за влез во Владата, велат за „Слободен печат“ од партијата. Високи функционери велат дека нема да бараат влакно во јајцето за да ја одбијат понудата, туку прифаќање на нивните програмски определби. Централното претседателство на Алтернатива утре вечер треба да реши дали ќе продолжат разговорите со премиерот Зоран Заев за зголемување на мнозинството во Собранието или ќе останат во опозиција. СДСМ, пак, на седници на Централниот и на Извршниот одбор, според најавите, утре ќе расправа за оставките на Заев од партиската и од премиерската функција, со што ќе почне постапката за избор на нов партиски лидер.

Клучно за Алтернатива е програмските определби на партијата да бидат дел од програмата на Владата, но и добивање министерски и директорски места за да се реализираат нивните барања. За Алтернатива не е битно дали ќе има нов мандатар, туку реализација на нивната програма, но додаваат дека ако има нова влада, тоа ќе значи нови преговори за поделба на владиниот колач. Од Зоран Заев побарале еднаков третман како кон ДУИ.

Според функционери од Алтернатива, Гаши на средбата со Заев на маса ставил 7 до 8 барања кои се битни за партијата како услов да се биде дел од власта. Приоритети на Алтернатива се да нема отстапување од евроинтеграцискиот процес, правда, односно повторни судења за, според нив, неколку политички монтирани случаи, за кои треба да има и странска експертиза. Меѓу барањата се и развој на Липковскиот Регион, каде што, според Алтернатива, по конфликтот од 2001 година не се подобрени состојбите. Заинтересирани се и за социјалната политика, односно да се обезбедат пари и помош за трето дете.

„Тоа бара и промени во законската постапка, врзана со извршителите, но и уредување на сферата со казината, односно ограничувања – каде и колку обложувалници да има“, велат од Алтернатива.

Лидерот на партијата Африм Гаши наводно побарал од Заев и да се утврдат рокови за реализација на проектите. За Алтернатива е битно и Владата да го истурка мандатот докрај.

Како што дознаваме, на Алтернатива ќе ѝ бидат понудени две министерски места, и тоа од некои од ресорите образование, здравство, труд и социјала, култура или земјоделие. Алтернатива бара гаранции и за заменици министри, но и повеќе директорски места.

Груби: Разговараме и со други партии

Првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии што се залагаат за европската иднина на државата и отворање на преговорите со Европската Унија.

– Во моментов разговараме не само со Алтернатива. Имаме контакти и со други политички партии што се дел од Собранието за да се приклучат кон парламентарното мнозинство или да го поддржат. Мислам дека сите тие што сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон мнозинството. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарно мнозинство за да продолжиме со реформи преку првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија – рече Груби.

Груби денеска разговарал со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива.

– Не верувам и не очекувам драматични случувања во земјава и убеден сум дека и Гаши, но и другите албански политички партии, вклучително и тие на Касами и Села, се свесни за значењето на овој момент и случувањата што се преземаат во Брисел во насока на отворањето на преговорите и нема да направат ниеден чекор за да ја загрозат европската иднина на земјата – вели Груби.

Спасовски и Николовски немаат лидерски амбиции за СДСМ

Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски во интервју за „Утрински брифинг“ рече дека најдобро решение и за партијата и за владата во моментов е Заев да остане на двете функции.

– Најдобро е Заев да биде тука, и во Владата и во партијата, но поради моралната поставеност не знам дали е тоа можно. Ние имаме седница на Извршниот и на Централниот одбор и ќе разговараме за ова прашање. Да направиме сè да се стабилизира парламентарното мнозинство. На државата не ѝ се потребни турбуленции и побаравме претседателот на некој начин да ја стави во мирување оставката. Ако се одлучи во партиските органи избор на нов лидер, тоа ќе се организира во наредниот период – вели Спасовски.

Спасовски додаде дека не очекува да има многу кандидати за лидер и дека тој во моментов не размислува да се кандидира за претседател на СДСМ. Доколку се избере нов лидер на СДСМ, тој ќе биде нов мандатар и ќе има и промени во извршната власт.

– Мора да настанат одредени промени во партијата и во Владата. Ќе одлучуваат коалициските партнери и мандатарот за состав на владата, кој ќе даде оценка и ќе побара промени каде што е потребно – рече Спасовски.

И генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски рече дека не се гледа себеси како кандидат за премиерската функција.

Мицкоски не очекува исчекор ниту со Димитар Ковачевски

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Плусинфо“ смета дека промената во врвот на СДСМ и во Владата е обид да се скријат сите незаконски дејства на премиерот Зоран Заев и не очекува никаков значаен исчекор ниту од Димитар Ковачевски, доколку тој биде избран за нов лидер на СДСМ и иден мандатар.

– Не мислам дека од ова ќе излезе значаен и квалитативен исчекор, бидејќи овој човек (Ковачевски – н.з.) досега беше заменик-министер за финансии и ние во тој период немаме некаква брилијантна реформа во сферата на монетарната политика. Напротив, доколку го погледнете дефицитот, ќе се уверите дека изнесува повеќе од 500 милиони евра, реализацијата на капиталните инвестиции е катастрофална, на висина од 250 милиони евра, што значи дека имаме двојно повеќе дефицит од капитални инвестиции – вели Мицкоски.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ким ја „освојува“ вселената: Нов план на Северна Кореја

Следно

Министерката бара реформи во францускиот фудбал по хаосот во Лион

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian