ВИДЕО | Поддршка за мерките ако помогнат да бидат вакцинирани 130.000 административци

6 mins read

Искусниот епидемиолог Александар Стојанов дава апсолутна поддршка на новите мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести за да се спречи ширењето на коронавирусот. Тој вели дека не станува збор за задолжителна вакцинација, какви што беа реакциите во јавноста откако беше соопштено дека невакцинираните што работат во јавна администрација ќе треба да покажат негативен ПЦР-тест за да можат да одат на работа.

– Граѓаните што не сакаат да се вакцинираат, имаат избор да се тестираат двапати неделно со ПЦР-тестови. Ако со стапувањето на сила добиеме нови 130.000 нови вакцинирани луѓе, ќе имаме значително подобрување на епидемиолошката состојба. Тоа во овој момент е многу важно, бидејќи вирусот брзо се шири како последица на невакцинираните, а болниците се оптоваруваат – објаснува д-р Стојанов.

Тој објаснува дека брзите антигенски тестови што се продаваат во аптеки се доволни само како индикатор, но не се со сигурност точни. Брз негативен тест не мора да значи дека не носите вирус во себе.

– Многу примери покажале дека и прележаните од ковид-19 повторно се заразуваат доколку дојдат во контакт со вирусот, затоа и се препорачува вакцинирање по 45 дена од оздравувањето. За ревакцинирањето, времето ќе покаже дали ќе биде потребно вакцинирање на секои шест месеци. Уште не знаеме колкава заштита ќе даде третата доза, затоа и не можеме уште отсега да препорачаме редовно вакцинирање на краток временски период. Можеби ќе треба да се прими и четврта доза вакцина, но тоа ќе биде индивидуално, во зависност од организмот – додава Стојанов.

Од Министерството за здравство велат дека останува непроменета одлуката да се продолжи важноста на тестот за антитела, кој во моментов важи само 45 дена.

– Препорака на Комисијата е да се прикаже само ПЦР-тест изработен во лаборатории што се регистрирани да извршуваат ПЦР-тестови за ковид 19, а вакцинирањето не е задолжително за сите граѓани. Препорака на Комисијата е дека граѓаните што прележале ковид-19 може да се вакцинираат 45 дена по оздравувањето – одговорија од Министерството на нашето прашање.

Во поголем дел од европските земји тестирање со брз тест се врши во сите аптеки и тоа го прават фармацевтите, кои потоа врз база на резултатите издаваат валиден ковид-сертификат со специфичен код, со важност од 48 до 72 часа, кој може да се користи за влез во сите објекти и институции каде што прикажувањето негативен тест е задолжително.

Нашата читателка Марија Д. од Скопје, која неодамна се врати од Италија, го објасни процесот на добивање сертификат од брз тест, а тој процес го оцени како многу лесен.

– Со оглед на тоа што во затворените делови од угостителските објекти во Италија како и во црквите и во другите културни институции и знаменитости задолжително на влезот се покажува зелена ковид-карта од вакцинирање, сите оние што не ја поседуваат, може во која било аптека да направат брз ковид-тест и таму да добијат валиден кодиран сертификат. За влез на аеродром и во авион освен картон за уредна вакцинација, мора да се има и негативен ковид-тест, не постар од 48 часа – вели Марија.

Како самите да си земете брис за антигенски тест

Ако се сомневате дека сте инфицирани со корона или сакате брза потврда дека сте негативни. брзите антигенски тестови се решението. Како да се тестирате евтино, а да бидете сигурни дека тестот е правилно направен, ја прашавме Ана Лалевска, вработена во лабораторијата „Зегин медика“, инаку дипломиран инженер по биологија.

– Тестот треба да биде на собна температура десетина минути пред употреба. Во кутијата има стапче за земање брис, лента за тестот, течност со реагенс и пластична епрувета во која треба да се стави брисот. Резултатот треба да го прочитате 10 минути по отворањето, зашто 15 минути по земањето на брисот, тестот веќе е невалиден. Горниот дел од реагенсот се крши и се става во епруветата. Епруветата потоа се става настрана. Брисот се отвора, стапчето се држи само за пластичниот дел за да остане стерилен и се брца во внатрешноста на двете носни празнини, што може да биде малку непријатно. Така земениот брис се става во епруветата и десетина секунди се врти со кружни движења, по што се затвора, а за тоа време го отвораме тестот. На означениот дел се ставаат три капки. Доколку се појават две линии во рок од пет минути, тоа значи дека пациентот е позитивен на ковид-19, а доколку се појави само една линија, тестот е негативен. Ако не се појави ниту една линија, тоа значи дека тестот не е валиден. Невалиден е тестот и доколку има линија во т.н. Т-зона (прикажана е на тестот), а не во контролната зона – објаснува Лалевска.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Жан-Пјер Лакроа: Мировните сили на ОН соочени со сѐ поголем број закани

Следно

На Австралија Опен ќе играат само вакцинирани тенисери и тенисерки

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian