Претседателот на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез, не се откажува од идејата за формирање на европска Суперлига која „преживеа“ 48 часа пред да се повлечат шесте англиски екипи (Манчестер сити, Манчестер јунајтед. Ливерпул, Арсенал, Тотенхем и Челси) како и Интер, Милан и Атлетико.
Единствени кои не се откажуваат од Суперлигата се Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, а Перез уште еднаш повтори дека ова натпреварување еден ден ќе заживее.
– Тоа не е само ново натпреварување, тоа е нешто многу повеќе. Тоа е слобода, со неа клубовите ќе бидат господари на својата судбина. Тоа е слобода, финансиски фер-плеј, тоа е проект кој ќе се оствари бидејќи без него фудбалот нема иднина. Но, и покрај тоа што се шират разни дезинформации, Суперлигата би се развивала заедно со националните лиги. УЕФА ја одби секоја наша идеја, им се закануваше на клубовите, ги навредуваше нивните претседатели. Имаше закани, притисоци, само за да се уништи тој проект. Мораме да ја потсетиме УЕФА кој е Реал Мадрид и нема да попуштиме – изјави Перез на собранието со Реал Мадрид.