„Arcane“: Анимираната серија што ја симна „Squid Game“ од тронот на Нетфликс

4 mins read

По цели 47 дена поминати на врвот, „Squid Game“ повеќе не е најгледаната серија на Нетфликс. „Arcane“, новата анимирана „League of Legends“ серија, чија премиера се случи на 6ти ноември, во рок од само три дена стана најгледаната на популарната стриминг платформа.

Според статистиката на FlixPatrol, „Arcane“ се најде на врвот на глобалните топ листи на Нетфликс за 9 ноември, додека пак според IGN, серијата, исто така, дебитирала како број еден на топ листите на Нетфликс во 37 земји, вклучувајќи ги и Белгија, Франција, Германија и Русија.

„Arcane“ ја освојува и публиката во земји каде што Нетфликс не е достапен. Таква е Кина, каде според Bloomberg, серијата собра над 130 милиони прегледи и стана најпребаруваната тема на платформата за стриминг во сопственост на Tencent, што е исто така сопственик и на производителот на „League Of Legends“, „Riot Games“.

Приказна за сестрински конфликт

Серијата „Arcane“, базирана на видео играта „League of Legends“, ја следи приказната на едни од најлегендарните шампиони, сестрите Вај и Паудер/Џинкс, кои веќе подолго време се во конфликт во играта. Серијата ги открива нивните почетоци, како и деталите зад нивната меѓусебна борба.

Arcane/Twitter
Arcane/Twitter

Дејствието во „Arcane“ се одвива во градот Пилтовер, познат како Град на напредокот. Овој просперитетен, прогресивен град претставува културен центар на Валоран, каде што уметноста, занаетчиството, трговијата и иновациите одат рака под рака. Но Пилтовер има и мрачна страна – Андерсити, каде еден сопственик на бар и бунтовник, Вандер, ќе ги вдоми сирачињата Вај и Паудер. Во текот на следните неколку години, тие учат како да преживеат крадејќи остатоци и делови од технологијата од градот над нив.

Светот на „League of Legends“ е модерна фантазија која се граничи со научна фантастика. Сепак, иако станува збор за анимирана серија, земајќи предвид дека темите на секс и насилство во неа се широко опфатени, „Arcane“ не е наменета за деца.

Arcane/Twitter
Arcane/Twitter

На што се должи брзиот успех на „Arcane“

„Arcane“ е визуелен спектакл, каде специфичната анимација допринесува до тоа секоја сцена да изгледа како уметничко дело во движење. Иако серијата е продуцирана од „Riot Games“, за анимација на „Arcane“ всушност е ангажирано аниматорско студио од Париз, „Fortiche Production“, познато по тоа што комбинира 2D и 3D анимација.

Arcane/Twitter
Arcane/Twitter
Arcane/Twitter
Arcane/Twitter

Серијата значително ја поедноставува приказната на играта, без притоа да крати од епските борбени сцени, хемиски мутации и магија. Наедно, креаторите на „Arcane“ остануваат доследни на оригиналната приказна, додавајќи шармантно количество на човечност, што ја прави серијата поразлична и попривлечна од многу други серии за суперхерои.

Дополнителен фактор игра фактот што „Arcane“ не се ограничува само на љубителите на играта, напротив. Токму тоа ја прави еднакво забавна и за оние кои никогаш претходно не се запознале со светот на „League of Legends“.

„League of Legends“ е една од најпопуларните видео игри во светот, каде играчите се натпреваруваат во два тима од по пет члена, бранејќи ја својата половина од мапата, и освојувајќи ја туѓата. На неодамнешното Светско првенство на „League of Legends“, победникот освои милион долари.

Играта е креирана од американското студио „Riot Games“, кое оттогаш направи неколку игри што се случуваат во истиот свет. Вкупно 180 милиони луѓе во светот ги играат овие игри, што најверојатно е уште една од најзначајните причини за брзиот успех на анимираната серија „Arcane“.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Албанските граѓани најбројни баратели на азил во ЕУ од земјите во регионот 

Следно

Полицијата му ја одзеде возачката дозвола на Доналд Туск

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian