Што учат македонските основци за нашите соседи? „Бугари-Татари“ – наука или квазиисториска навреда?

4 mins read

Седмоодделенците во Македонија учат дека Бугарите потекнуваат од „монголско-татарски“ племиња, иако тоа не е научно потврдено, а според некои експерти, тоа е дезинформација и пропаганда што одамна се провлекува во македонскиот образовен систем. Во повеќето светски енциклопедии воопшто не пишува дека Бугарите биле монголско-татарско племе.

До редакцијата на „Слободен печат“ стигна примерок од оценет тест за историја од 7 одделение, со прашање во кое се бара на празната линија да се дополни „точниот“ одговор дека Бугарите биле „монголско-татарско“ племе. Овој одговор го има и во учебник за седмо одделение.

Александар Атанасовски, професор на катедрата по историја, за „Слободен печат“ вели дека вакви ненаучни тврдења одамна се провлекуваат низ нашите учебници по историја.

– Тоа е дезинформација, кај нас во постарите учебници стоеше „татарска орда“. Потоа се пишуваа Бугарите како  „Хуно-Бугари“. Тие се Прабугари, кои живееле по течението на Волга. Татарите доаѓаат на тие простори дури во 11 век. Од 70-тите години наваму беше лансирана теорија дека тие се „Хуно-Бугари“, а некаде ги пишува како „Уногундури“. И Монголите доаѓаат на тие простори многу подоцна, како и Татарите, во 11 и 12 век. Кога Бугарите заминуваат од тие простори во 7 век, ние Монголи и Татари немаме. Можеби имале некоја врска по Волга, но тоа не може да се истражи – вели Атанасовски.

Атанасовски е дециден дека авторите на учебниците со ненаучни факти треба да понесат одговорност за злоупотреба на историјата.

– Не може пиши-бриши да правиме. Со Татарите може Бугарите да имаат некои сличности, како користење на симболот на коњската опашка, што во 19 век, односно во 1875 година, размислувале дури и да го стават на знамето, наместо лавовите што ги имаат и сега, но сигурно немаат етничка врска со Монголите – вели тој.

Историчарот Тодор Чепреганов, пак, тврди дека кога се прави учебник, авторите не измислуваат, туку пренесуваат од веќе објавени научни книги, и прават компилација од повеќе монографии објавени од научни работници.

– И јас имам работено на учебници. Она во нашите учебниците по историја го имате и во бугарските учебници, а кај нив има две струи: едните сметаат дека се Словени, другите дека потекнуваат од турско-монголски племиња. Нема зошто да се проблематизира оваа формулација, бидејќи тие работи авторите ги пишуваат во консултација и со бугарска литература – вели Чепреганов за „Слободен печат“.

Во повеќето светски енциклопедии воопшто не може да се најде класификација дека старите Бугари биле „монголско-татарско племе“. Според енциклопедиите, Бугарите или Протобугарите, како што сега се нарекуваат, биле номадски народ  што до седмиот век живеел во касписката степа и по течението на реката Волга. Дел од истражувачите веруваат дека Бугарите потекнуваат од Централна Азија и во текот на миграција кон запад апсорбирале други племиња и култури, како што се финско-унгарските и хунските племиња, но дека претежно, според јазикот, припаѓале на туркменската група народи. Владетелите на старите Бугари ја носеле титулата хан (кан), која е карактеристична за турските и монголските народи. Нивната држава, Голема Бугарија (Булгариа Магна, лат.) се протегала на просторите на денешна јужна Украина и југозападна Русија, меѓу реките Дњестар и Волга. Во седмиот век, по долги  напади од осојузени аварско-словенски сили од запад, и од соседните Хазари од исток, бугарската држава се распаднала во 668 година, по што почнала миграцијата на Бугарите на разни страни, меѓу другото и на Балканот.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Австрија од понеделник воведува целосен карантин за сите граѓани

Следно

ЕСПН: Ова ќе биде најдраматичниот бараж, замислете го Роналдо во Скопје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian