Вардарци одат кај Пик Сегед по бодови во ЛШ

3 mins read

РК Вардар продолжува со натпреварите во Лигата на шампионите, а вечерва има тешко гостување против Пик Сегед во Унгарија. По серија од три порази на вардарци итно им треба победа во групата А, во која сега се на шестото место. Но Пик Сегед ќе биде тврд орев особено затоа што игра на домашен терен.

Составот предводен од Хуан Карлос Пастор на клупата е актуелен шампион на Унгарија и моментно е на врвот на табелата во унгарското првенство. Пик Сегед е на четвртото место на табелата во групата А од ЛШ, со осум бода и со само еден пораз и тоа на домашен терен од Елверум во четвртото коло.

Во Вардар се свесни дека Пик Сегед ќе биде тврд орев, но, според тренерот Веселин Вујовиќ, лошата серија порази треба да се прекине и тој очекува тоа да биде денеска, во Унгарија.

– Лигата на на шампионите продолжува по ЕХФ паузата. Сите се собравме, сите се здрави и тоа е многу важно. Играме против Пик Сегед, познат противник и еден од најдобрите тимови во Европа. Некако како да играме некој бараж, бидејќи сега одиме во Сегедин, а после седум дена тие доаѓаат во Скопје. Ќе биде интересно да видиме како ќе се одвиваат двата натпревара. Вардар е подготвен, јас веќе реков дека мора да ја прекинеме оваа серија порази од Монпелје, Алборг и од Кил. Најголемата шанса ни е во Сегедин. Мора да одиграме храбро, Вардар по традиција игра добро во Сегедин, па се надевам дека и овој пат ќе биде така – вели Вујовиќ.

Крилото Тимур Дибиров е свесен дека следниот предизвик е тежок, зашто ПИК Сегед за разлика од „црвено-црните“ се наоѓа во одлична форма.

– Што се однесува до Сегед мислам дека ќе биде тежок натпревар, но ние сакаме да дојдеме до победата. Знаеме дека ни недостигаат бодови. Очекувам машки и многу сериозен натпревар. Ќе биде тешко, тоа е сигурно, но не сакаме предвреме да се предадеме и одиме таму да победиме – вели Дибиров кој на последните три натпревари во ЛШ постигна дури 25 гола, по девет им даде на Кил и Алборг, а седум на Монпелје.

Ако се суди според зборовите на Хуан Карлос Пастор, во Пик Сегед сосема сериозно ја сфаќаат средбата со Вардар иако македонскиот шампион има три порази во низа во последните три меча во ЛШ.

– Не смееме да се опуштиме затоа што Вардар има три порази во низа. Тоа е физички јак тим, засилен со неколку добри француски „легионери“. Како и секогаш, одбраната ќе биде клучот – вели Пастор.

Во Пик Сегед истакнуваат дека минатата сезона два пати го совладале Вардар и се надеваaт дека и оваа ќе се случи истото.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО | Лазарова Трајковска: Законите оставаат простор за конфискација, но во пракса тоа е многу тешко изводливо

Следно

Нова тужба против Алек Болдвин за убиството на колешката: „Тој си играше руски рулет“

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian