Ретро пречек на Нова година во Скопје: Се славеше во кино салите, со лотарија!

3 mins read

Се наближува декември – месецот кога пред пандемијата најпоставувано прашање беше „Каде за Нова година?“. 

Во едни во не така дамнешни времиња Новата година во старо Скопје се дочекувала и во кино салите – култните места каде децата и младинците безгрижно славеа, а тому сеќавањата за тие безгрижни денови им ја топлат душата на многу, сега веќе, повозрасни скопјани. 

Носталгијата е уште поприсутна денес во услови на пандемија, кога празнувањето оди во втор план. 

-Се што е поврзано со пречекот, ме враќа години назад, буди чувства на смеа, жалење, чудење, но и скриена топлина, која наивно со истиот трепет, ми ја разгалува душата, се сеќава скопјанката Костадинка Бошковиќ.

-Незаборавен пречек. Нова година во кино.Да, сите кино сали во Скопје, организираа пречек на Нова година. Се прожектираа по два филма, а меѓу нив имаше лотарија. Како прво доживување, го паметам првиот филм ” Продавачка на љубичици”. Потоа се запалија светлата, започна лотаријата, а ние со билетите во рака во грчевито исчекување. Не добивме ништо. Можеби поради силното разочарување не го паметам вториот филм. Дремката го направила своето. Надвор не пречека студена, снежна ноќ. Од кината се слеваа минувачи. Јас мислев на креветот и едвај чекорев покрај родителите, ги споделува таа своите спомени во фејсбук групата „Стари скопјани“. 

Бошковиќ сподели уште едно новогодишно искуство од минатиот век во Скопје. 

-Радио Скопје, кон крајот на 50- те години, имаше посебна новогодишна програма, средба со минувачите и исполнување на музички желби. Кога на радио ќе слушневме, дека репортерите се близу Ново маало, ние децата од осумте фамиилии, кои живееме во истиот двор, онака по џемперчиња или наметнати капутчиња, истрчувавме на главната улица. За музичката желба, по подолга расправија ќе се договоревме и потпевнувајќи ја ” Тата купи ми ауто” чекавме. Некој ќе се спуштеше на лизгалката, некој ке се оддалечеше од групата, сакајќи прв да го сретне возилото. А, возила, никаде. Немаше ни минувачи. Разочарани, што не одминале, се вракавме дома, сеедно во чија дома. Никој не не бркаше. Некаде радиото беше на масичка, на витрина или на мала полица на ѕид. Тогаш се качувавме на креветите, да бидеме поблиску до звучникот и викавме во радиото, репортерите да не слушнат. Оној, кој беше поитар, ќе не убедеше во витината, дека го слушнале, и пак со трчање на улица, чекавме. Што е најбитно, никој од родителите, не ни ја уништуваше забавата, да ни кажат, дека емисијата не оди во живо. Кој знаеше за новото чудо – магнетофон, лента, снимање, подоцнешно емитување. За нас, радиото си беше дежурно дење и ноќе, ” очи во очи” и ” уво до уво”, така никој не можеше да не убеди во спротивното. Репортерите беа убедливи во кажаното и никаква помисла дека и тие слават, не не колебаше. Па радиото имаше копче. Ако го пуштиш, репортерот е тука, и секогаш тука, раскажува со посебна носталгија таа. 

 

Извор: skopjeinfo.mk

Претходно

Се подготвува продолжението на „Gladiator“- Ридли Скот вели дека сценариото е веќе напишано

Следно

ФОТО | Се урна најмодерниот воен авион: „Молња“ од 115 милиони долари падна во Средоземно Море

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian