Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц денеска остана без пратеничкиот имунитет откако законодавците едногласно гласаа да се расчисти патот за отворената истрага против него за корупција, јави ДПА.
Дури и Курц и членовите на неговата централно-десничарска Австриска народна партија (ОВП) го поддржаа потегот, за кој велат дека е неопходен за што побрзо да се расчистат обвиненијата.
Курц и тесно поврзана група негови поддржувачи се обвинети дека користеле државни пари за да добијат поволни резултати од истражување што го поттикнало неговото издигнување на позицијата лидер на ОВП а подоцна и канцелар. Тој, исто така, е обвинет за давање лажни изјави пред парламентарна истрага за различен скандал со поранешен коалициски партнер.
Курц ги отфрли сите обвиненија, додава ДПА.
Претресите на 6 октомври во кабинетот на канцеларот, седиштето на ОВП и Министерството за финансии доведоа до серија откритија – и притисок за гласање недоверба – што го натераа Курц да се повлече од функцијата подоцна во текот на месецот. Но, тој останува пратеник и продолжува да е шеф на партијата и шеф на нејзината пратеничка група.
Извор: МИА