„Стратегиски компас“: Од 2025 и сили на ЕУ ќе интервенираат низ светот

3 mins read

Европската Унија планира да создаде сопствен воен контингент од најмногу 5.000 војници, кој веќе од 2025 година би имал капацитет самостојно да интервенира при кризи каде било во светот.

Силите „Капацитет на ЕУ за брзо распоредување“, според доверливиот документ што го имала на увид агенцијата Ројтерс, би содржеле копнени, поморски и воздухопловни компоненти, кои по потреба би можеле да бидат вклучени или исклучени од активниот состав, во зависност од кризата.

За документот „Стратегиски компас“ на 28 страници, изготвен на 9 ноември, во понеделникот во Брисел веќе дебатирале министрите за надворешни работи и за одбрана на членките на ЕУ. Конечниот текст треба да биде усогласен најдоцна до март.

Ова не е прв обид на Европската Унија да креира сопствени сили, со кои би можела самостојно, без поддршка од САД, воено да интервенира низ светот за да ги брани своите интереси. Во почетокот на векот лидерите на ЕУ се согласија да формираат контингент од 50.000 до 60.000 војници, но не успеаја да го спроведат планот и да го направат оперативен. Во 2007 година беа создадени борбени групи од 1.500 војници, кои досега не биле користени, иако имаше напори да бидат распоредени во Чад и во Либија за смирување на кризите.

Иницијативите беа обновени откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги залади односите на Вашингтон со европските сојузници. По хаотичното извлекување на странските државјани од аеродромот во Кабул во август, откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел најупорно притиска Европа конечно да изгради сопствени сили.

– Потребна ни е поголема итност, робусност и флексибилност за да спроведуваме најразлични видови воени интервенции при кризи. Потребен ни е капацитет да реагираме на итни закани или брзо да реагираме на кризна ситуација, на пример за мисии за спасување и евакуација или за стабилизирачка операција во непријателска средина – е наведено во „Стратегиски компас“.

Во нацрт-документот на членките им се остава простор да учествуваат во силите или не, но сите 27 земји би морале да го потпишат испраќањето на силите за брза реакција во мисија.

Борел инсистира „Стратегиски компас“ да прерасне во воена доктрина на ЕУ, слично на она што е „Стратегискиот концепт“ за НАТО, во кој членуваат многу членки на Унијата. Самостојноста подразбира развивање сопствена логистика, особено капацитет за воздухопловно префрлање трупи на големи далечини, како и создавање центри за команда и контрола. Европските членки во НАТО зависат од транспортните и командните капацитети на САД.

Планирано е од главнината од силите лесно да може да се издвојат борбени групи, кои би биле пофлексибилни и полесни за распоредување.

– Користењето модули ќе ни овозможат поголема флексибилност да ги кроиме борбените групи согласно природата на кризата. Ова е клучно за да ги надминеме препреките со кои се соочивме во поранешните обиди – е наведено во нацрт-документот.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

МВР со официјално соопштение за акцијата во ГТЦ

Следно

За 7 години државата од граѓаните собрала две милијарди евра од еколошки такси, а екологијата на нула

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian