Тензиите на полско-белоруската граница попладнево се смирија, неколку часа откако полските безбедносни сили испукаа водени топови врз мигрантите заглавени на белоруската страна, што значеше нова ескалација во повеќенеделната криза, јави ДПА.
Претходно беа испукани водени топови врз мигрантите на преминот Кузница-Брузги, една од главните локации каде што луѓето се собираат додека се обидуваат илегално да влезат во Полска, членка на ЕУ.
Министерството за одбрана во Варшава соопшти дека граничните сили реагирале на луѓето кои фрлале камења и други предмети. Се наведува дека Белорусија, исто така, ги опремила мигрантите со шок-бомби и солзавец.
– Нашите војници и офицери совршено ја завршија својата работа. Бранот напади на границата беше запрен, напиша на Твитер портпаролот на полските безбедносни служби Станислав Зарин.
Повредени се граничен чувар, војник и полицаец, соопшти Министерството за одбрана во Варшава, кое за насилството ги обвини „младите, агресивни мажи”.
Полска соопшти дека судирите траеле околу два часа.
До доцна попладне, агенцијата за гранична стража соопшти дека мигрантите се вратиле назад неколку стотици метри од преминот.
Извор: МИА