Омилениот сериски убиец се враќа во третата сезона на „You“

7 mins read

Набргу откако Нетфликс ја претстави првата сезона на „You“, во ноември 2018 година, серијата привлече широка публика која со нетрпение ја очекуваше втората. Базирана на две книги од авторката Керолајн Кепнес, „You“ и „Hidden Bodies“, серијата „You“ е во режија на Грег Берланти и Сара Гембл, а во продукција на „Warner Bros. Television“ заедно со „Alloy Entertainment“ и „А+Е studios“.

Љубовните маки на Џо низ првата и втората сезона

„You“ го следи животот на главниот лик, Џо Голдберг (Пен Беџли), кој работи како менаџер на книжарница во Њујорк. Но Џо крие една „мала“ мрачна тајна. Тој неретко и сомнително лесно се вљубува во девојки за кои не знае апсолутно ништо, се опседнува и ги демнее сè додека не дознае сè за нив. Некогаш, неговите нездрави навики доведуваат до непријатни ситуации, со кои Џо се справува на многу екстремен начин.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by YOU (@younetflix)

Во првата сезона, Џо се вљубува во писателката Гвеневиер Бек (Елизабет Лали), но откако неговиот пат кон нејзиното срце ќе биде неколкупати попречен, Џо ќе направи сè за да ги елиминира овие препреки, без разлика на тоа колку пролеана крв е потребна за таа цел. Првата сезона завршува со трагедија и шок, додека пак втората го прикажува Џо како се обидува да избега од свооето крваво минато и се сели во Лос Анџелес за да започне нов живот. Таму тој се вљубува во Лав Квин (Викториа Педрети). Овојпат нештата започнуваат многу различно, се одвиваат малку побавно и посуптилно, за на крај да завршат во комплетно спротивна насока.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by YOU (@younetflix)

Но, по две тензични и крвави сезони, хит-серијата „You“ се враќа со трета, а оваа го турка сиот хаос уште неколку чекори над линијата која означува дека „оттука нема враќање назад“. Ако втората сезона го помести фокусот во друг правец, третата го прави тоа повторно, овојпат менувајќи ја фундаменталната геометрија на серијата.

 

Шармантниот сериски убиец и неговата поопасна половина

Како и до сега, така и во третата сезона, публиката се соживува со допадливиот и шармантен сериски убиец и се грижи за неговата безбедност. А во оваа сезона, неговата безбедност е навистина несигурна. Овојпат, тој не е единствениот сериски убиец во неговиот нов дом во Мадре Линда (измислено место базирано на предградијата во близина на Силиконската долина во Северна Калифорнија), каде сега живее заедно со својата сопруга Лав и нивниот новороден син, Хенри.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by YOU (@younetflix)

Семејството Голдберг е навидум сосема нормално семејство што од голем град се доселува во мирно, технолошки-оптимизирано предградие, каде речиси никој не јаде глутен и шеќер, жителите опсесивно се грижат за своето здравје, а младите „инста-мамички“ се опседнати со јога. Голберг ги минуваат своите секојдневија со малото бебе како и секој млад брачен пар, возбудливо пречекувајќи ги новите предизвици што ги носат новите соседи и новите работни места. Лав отвора своја пекара, а Џо се вработува во локалната библиотека.

Очекувано, секое ново место претставува нова можност за Џо да најде нова опсесија и нова жртва, а оваа сезона претставува многу нови и интересни (одлично интерпретирани) ликови, нови приказни и многу, многу нови жртви.

Лав станува љубоморна и импулсивна, а со својата конкуренција се соочува на начин кој го потсетува Џо дека доколку не реагира на време, нештата ќе излезат вон секаква контрола, а тој ќе биде принуден „да закопува мртви тела до 70 години“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by YOU (@younetflix)

Spoiler alert: Нештата апсолутно излегуваат вон контрола, а Пен Беџли и Викториа Педрети се фасцинантно добри во своите улоги на крајно токсични и манипулативни ликови. Тие истовремено се борат еден со друг, неможејќи да ги потиснат сознанијата што ги имаат еден за друг. Видливо се оддаллечуваат и одљубуваат додека одат на советување за парови и се согласуваат на експерименти за да го спасат бракот, а во исто време прават сè што е во нивна моќ за да ги скријат своите злодела.

А вам ви останува да видите кој од овие двајца е поголем монструм.

Што е она што го прави Џо толку допадлив?

Низ трите сезони на серијата, публиката ја следи приказната на Џо преку она што го гледа на екранот и преку неговата смирена нарација, свиленкав глас и обраќања кон неговите субјекти во второ лице, налик романтични, но и морничави љубовни писма.

Неговите длабоко уверливи монолози пак, се беспрекорен прозорец кон умот на еден сериски убиец без грижа на совест, убиец кој своите крвопролевања ги смета за доблест. Тој не се смета себеси за убиец, напротив, тој е херој и заштитник, а неговите трауми од детството го градат неговиот свет во сегашноста. Џо учи од своите грешки и не сака да ги повтори, а кога ќе ги препознае своите лоши страни кај другите, тој сака да спречи нештата да станат полоши, па макар и пролеал крв за тоа. А неговата длабока увереност дека она што го прави е оправдано, го поставува на позиција да суди за туѓите гревови.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by YOU (@younetflix)

„You“ успева во нешто што е исклучително тешко да се постигне кога се адаптира наративен роман, особено кога станува збор за наратор со чија извртена реалност публиката не може да се поврзе. Ова е совршена серија за секој кој би сакал да ѕирне во светот на импулсивните и социопатски епизоди на сериски убијци.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Ниш продолжуваат состаноците на Отворен Балкан

Следно

Генерал Картер: Постои зголемен ризик за војна меѓу Русија и Западот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian