Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска оцени дека воената и политичката ситуација во Европа се влошува додека НАТО го зголемува военото присуство во близина на руската граница.
Шојгу на состанокот на Советот Русија – Франција во формат 2х2 изјави дека Москва и Париз треба заеднички да ги анализираат безбедносните проблеми во интерес на деескалација на ситуацијата во Европа и избегнување на воените инциденти.
– Министрите за одбрана и за надворешни работи на двете држави разговараа за ситуацијата во Европа, на Блиски Исток и во Северна Африка, изјави рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин.
Тој додаде дека се дебатирало и за стратешката стабилност и европска безбедност, контрола во вооружувањето и билатералните односи.
Извор: МИА