Србија и Косово ќе бидат поканети на Самитот за демократија организиран од американскиот претседател Џозеф Бајден, дознава Гласот на Америка од извор во Вашингтон.
За таа информација се уште нема официјална потврда, а Гласот на Америка се уште нема добиено одговор од Стејт департментот по тој повод.
Самитот за демократија ќе се одржи онлајн на 9 и 10 декември и ќе собере повеќе од 100 земји, со цел да се запре демократскиот пад и ерозијата на човековите права и слободи ширум светот.
Минатата недела порталот „Политико“ објави дека Србија, Косово и Босна и Херцеговина не се меѓу 100-те поканети земји и правни инстанци и дека на листата се Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Американската амбасада во Белград во вторникот за агенцијата Бета изјави дека не можат сите партнери на Вашингтон да бидат вклучени во иницијативата на Бајден и дека целта е да се собере регионално и социо-економски разновидна група земји и правни инстанци.
На прашањето на Бета дали се точни тврдењата дека Србија нема да биде поканета на Самитот и кои се причините за ваквата одлука, портпаролот на американската амбасада во Белград рече дека „целта била да се обединат земјите со веќе високо развиени демократии“, различни по население, етнички состав и географска локација“.
„Самитот за демократија на претседателот е една од многуте американски иницијативи насочени кон унапредување на демократијата, борбата против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права ширум светот. САД остануваат посветени на соработката со Србија за унапредување и зајакнување на демократијата преку други форуми, почитувањето на човековите права и борбата против корупцијата со цел заедно да докажат дека демократските земји ги задоволуваат потребите на нивните народи“, изјави во вторникот портпаролот на амбасадата.