Откако Движењето БЕСА застана на страната на опозициските партии за уривање на Владата, а по неуспехот на гласањето за недоверба, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа најави оставка. Од друга страна, пратеникот „виновник“ за неуспехот на иницијативата за рушење на владата, Кастриот Реџепи, кој е и потпретседател на оваа партија, ги повика сопартијците да не преземаат забрзани чекори, на штета на структури и активистите на партијата.
„Апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се да се постапува внимателно“, напиша Реџепи на неговиот приватен профил на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Но, какво ќе биде политичкото патување на Движењето БЕСА по оваа?
Не навлегувајќи во расправа дали опозицијата е во право или не во намерите да ја урне владата, најчудното однесување во оваа ситуација беше онаа на Движењето Беса, бидејќи таа се вклучи во хорот на обвиненијата против „режимот на Заев“, вели за „Слободен печат“, политичкиот аналитичар Даут Даути.
„Кога власта во која беше дел самата Беса станала режим, како можела досега да биде комотна во „режимот“, е суштинско прашање за нејзиното однесување односно приклучување на опозицијата? Секој објективен аналитичар на збиднувањата во албанскиот политички блок ќе рече дека по расколот на Беса, крилото на Билал Касами беше пред „замирање“, но тогаш се случи таа ненадејна коалиција со СДСМ, и на нејзина заедничка листа успеа да протне неколку пратеника, кои како што се гледа и од локалните избори, и беа добра основа за преживување. СДСМ дури и на локалните избори беше коректна и не се вмеша во „битката“ меѓу поголемиот и порелевантен фактор за нејзината влада, ДУИ и помалиот партнер, Беса, што на некој начин и овозможи на Беса со гласовите на Алијансата на Села да го добие Тетово“ анализира Даути.
Според него, по овој избрзан чекор поради Желино (ако не беше само претекст да ја смени страната), пропратена со дополнително „ситнење“ на нејзиното гласачко тело по „одемтнвањето на пратеникот Кастиот Реџепи, тешко дека гласачите Албанци ќе имаат големо разрбирање за нивниот бег кон опозицијата, каде е и проблематичната Левица.