Протест до самитот во Глазгов: Лидерите ја игнорираат глобалната криза со водата

2 mins read

Фондацијата Вотерејд се жали поради тоа што лидерите на речиси 200 светски земји на Конференцијата на Обединетите нации за климата во Глазгов ја игнорираат огромната глобална криза со водата, преку која најсилно се манифестираат последиците од климатските промени.

– Водата не привлече внимание на конференцијата во Глазгов, а неопходна е итна акција. Начинот на кој климатските промени ги загрозуваат животите на луѓето речиси целосно се одразува преку водата, без оглед дали ја има премногу или премалку. И за водата ни е потребна акција каква што веќе се случува за транзицијата на енергијата. Потребна ни е акција и тоа веднаш – изјави Тим Вејнрајт, директор на фондацијата Вотерејд.

Тој потсетува на студија од 2016 година, чии резултати покажаа дека две третини од луѓето во светот, односно близу 4 милијарди луѓе, немаат пристап до доволно вода, а уште милијарди други се соочени со ризик од поплави и суши.

– Климатската криза во основа е криза со водата. Дождовите се променија во многу региони на светот. Поинтензивните и пофрекветни поплави ги загадуваат изворите на чиста вода и ги уништуваат домовите и земјоделските површини, а од друга страна зачестените суши ги пресушуваат изворите, од кои зависи опстанокот на многу луѓе – вели Вејнрајт.

Тој додава дека исто како и со загадувањето на атмосферата, од кризата со водата најмногу страдаат најсиромашните земји и заедници.

– Ако не преземеме акција, не вреди да се размислува за иднината. Недостигот од вода веќе убива луѓе. Незамисливо е да не се прави ништо за ова – укажува директорот на Вотерејд.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Принцот Хари за „Мегзит“: Тоа е ужасен, мизогинистички термин кој ја навредува мојата сопруга

Следно

Руте: Мора да го решиме проблемот со Бугарија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian