Радев ја одби дебатата со Герџиков пред првиот круг од претседателските избори во Бугарија

2 mins read

Независниот претседателски кандидат во Бугарија, професорот Анастас Герџиков, го покани претседателот Румен Радев на дебата во Хасково, јави дописникот на МИА од Софија, откако двајцата кандидати истовремено беа во посета на јужниот бугарски град, во близина на турската граница.

Ректорот на софискиот универзитет го чекал актуелниот бугарски претседател, но тој не се појавил, и место тоа се сретнал со жителите на градот.

Според Герџиков, има многу теми на кои главните кандидати во претседателската трка треба да ги судрат ставовите во директна дебата, како што се здравството, образованието, економијата и армијата.

Герџиков кажа дека имал многу прашања до Радев, а најмногу се поврзани со активностите на преодната влада во последните шест месеци, бидејќи Бугарија се соочи со ценовна, здравствена, образовна криза и, според него, земјата со страшна брзина влегува во економска криза.

Според Герџиков, нема да биде фатално доколку не се одржи ваква дебата, но доколку воопшто нема дебата ќе биде лошо за бугарската демократија, бидејќи тоа е дел од демократската процедура за време на избори.

Радев кусо прокоментира дека во градот бил поради луѓето од Хасково, а не поради Герџиков.

-Доколку гласачите одлучат да има втор круг од претседателските избори, според Радев, природно е да има дебата, додаде тој.

Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, пред една недела по учеството на ТВ Нова, кандидатот за претседател на Бугарија, Лозан Панов, отишол во зградата на Претседателството за да достави покана за дебата со претседателот Радев. Тимот на Радев се уште не одговорил на поканата.

Првиот круг од претседателските избори во Бугарија е закажан за 14 ноември, заедно со предвремените парламентарни, а вториот круг од претседателските избори на 21 ноември.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

СИРИЗА: Владата наместо да испрати порака за поддршка на Договорот од Преспа, се фали дека е оправданo што не ги ратификува Меморандумите

Следно

ФОТО | Необичен пресврт: „Најтажната принцеза на светот“ по 10 месеци „бегство“ се врати дома

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian