Рецензија: „ТОМА“ помеѓу факти и фикција

7 mins read

Биографските филмови отсекогаш биле привлечна категорија за многу режисери. Уште од времето на Сергеј Ејзенштајн и неговиот мега проект „Ivan the Terrible“, „Elephant Man“ на Дејвид Линч, култниот „Downfall“ на Оливер Хиршпигл со Бруно Ганц како Хитлер, „Andrei Rublev“ на Андреј Тарковски, „Amadeus“ на Милош Форман, „Social Network“ на Дејвид Финчер… се мал дел од филмови со биографска заднина, а кои имаат висок уметнички рејтинг во филмската историја.

Огромен е бројот на филмови кои обработуваат теми од приватниот и професионалниот живот на личности кои се занимавале со музика, како оние за кои експерт беше режисерот Кен Расел (за Чајковски, Малер, Лист), или од областа на поп и рок музиката, „Bohemian Rhapsody“, „Ray“, „The Sound of Music“, „The Buddy Holly Story“, „Doors “. Снимени се и голем број филмови за познати ликови од областа на џезот… итн, итн. Премисата е: ликот да е познат и по можност славен.

 

„Тома“ е импресионистички портрет на еден пеач и на едно минато време

Тома Здравковиќ е и едното и другото, ако се има предвид територијата на која тој делувал, а тоа е Србија и делумно екс ЈУ републиките. Од тој аспект би било неумесно да го споредуваме со Фреди Меркјури или со Џим Морисон, но сепак се работи за енормната популарност на пеач, композитор и текстописец, чијашто музика и по 30 години по неговата смрт останала кафеанска рецептура, комуникација на приватните забави на сите социјални слоеви.

Во духот на српскиот, па и пошироко, на балканскиот менталитет и духовен капацитет, Тома е оној „пророчки“ патник на естрадата чиишто текстови и мелос допираат до неговата публика, до нивните меланхоличните „страдања“, болните раскинувања, неостварените љубови и носталгијата по минатото и младоста. Се разбира, сето тоа зачинето со зачадената кафеана, чашката алкохол и судбинските проклетсва. 

Филмската слика за Тома Здравковиќ е релативно добро пакување, импресионистички портрет на еден пеач и на едно минато време, речиси мјузикл. Теркот на овој филмски жанр е во суштина многу едноставен. Ликот е неопходно во одреден момент да го допре врвот, да ја вкуси славата, да биде ѕвезда (а заедно со него и публиката) за подоцна да стигне до дното, до пороците и до автодеструктивност (тука гледачот е неутрален, или само сочувствува со ликот). Можните солзи се само кај оние кои се вродено предозирани со емоции, или се на врвот од списокот на неговите обожувачи.

Режисерот Бјелогрлиќ игра на сигурна карта кога во преден план на филмот ја става музиката на Тома. Иако Тома е прикажан и како шармер, шмеќер, боем, па дури и како џентлмен, тоа е само вторстепена привлечност во филмот, да се зборува за лик со главно позитивна биографија и… многу душа. Не знам колку автентичност има во таквата слика за Тома, но убеден сум дека неговата популарност се темели токму на неговите емотивни текстови и кантри балади, еден вид поетика која се потпира на староградскиот призвук од просторите на Балканот, со примеси на француската шансона, италијанската канцона и шлагерот, како во тоа време популарен жанр.

Филмот срамежливо се осврнува на пороците на Тома, што драстично отскокнува од бомбастичната најава за контроверзниот лик и живот на пејачот. „Тома“ е многу повеќе романтизирана биографија за еден по сè обичен човек со вообичаено естрадно однесување и манири, отколку најавената слика за нескротлив љубвџија, боем и комарџија.

Милан Мариќ (како Тома) и Тамара Драгичевиќ (како Силвна) сосема успешно го водат филмот, и пак по заслуга на Бјелогрлиќ кој како централна тема ја наметнува врската меѓу нив, создавајќи романса која не прераснува во ништо повеќе од пријателство. Прашањето колку фактографија, а колку фикција има во филмската приказна се разбира дека е во рацете на сценаристот и режисерот, нивната проценка за атрактивноста на материјалот, но се чини токму тука се појавуваат не баш мали недоследности.

Тома
Тома/Instagram

Дали недоследностите во филмот се случајни или намерни?

Можеби на најшироката публика и за помалку упатените во животот и кариерата на Здравковиќ, нема многу да им значи физичкиот несклад помеѓу филмскиот и вистинскиот Тома, (невешто модифицираниот нос и лошата перика) или користењето песни кои во определен период од животот на Тома, не постоеле, или прилично карикираните ликови од тогашната боемска дружина на Тома (Предраг Живковиќ- Тозовац, Предраг Гојковиќ Цуне, Зоран Радмиловиќ, Здравко Чолиќ, Лепа Лукиќ, Кемал Монтено, Даворин Поповиќ) со идеја да се привлече и публика на која тие им биле идоли. Потоа, врзувањето на смртта на Тома со распадот на Југославија е невкусна аналогија, повторно играње на носталгични ноти. Фактографијата отстапува и по прашањето на браковите на Тома (ги имало 4 а прикажани се само два) Намерна или случајна недоследност!? Паралелната монтажа на годините од неговите почетоци и продуктивниот период со последните болнички денови е интересна, но на моменти и конфузна.

Сепак, крајниот резултат е еден по малку патетичен, но не и претенциозен филм наменет за големите кино сали, филм кој на голем дел од публиката ќе им ги разгали срцата, ќе ги радуваат песните, ќе тагуваат со стиховите на Тома, ќе ја „купат“ неговата порака: „Среќни луѓе не пишуваат песни“. И неговата посвета кон пријателите, некогашните, блиските и саканите: „За сите оние кои веќе ги нема, и за она што веќе нема да биде“.

Има во „Тома“ една фина, луцидна режисерска досетка со епизодата на ромката Рушка која кај Тома се појавува како привидение во неговите тешки животни моменти, Рушка, со букет цвеќе, неговата прва љубов, Рушка која го следи во последните мигови од животот. Една симпатична поетска завршница, во склад со текстовите од песните на Тома.

 

Оценка 3

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Вучиќ: Не можат да ми замрзнат имот и сметки во странство „бидејќи ги немам“

Следно

Нова силна експлозија го потресе центарот на Багдад

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian