Доктор Афродита Стомнароска-Јованоски, акушер-гинеколог: Млекото на ковид-позитивна доилка е безбедно за бебето

5 mins read

Докажано е дека вакцината против ковид-19 во бременост не ја преминува плацентата, додека антителата поминуваат во папочната крв и во мајчиното млеко, вели доктор Стомнароска – Јованоски.

  1. Познато е дека во текот на бременоста настапуваат промени во имунолошкиот систем на жената и трудниците можат да бидат потешко засегнати од респираторни или од други инфекции.

Податоците од Светската здравствена организација (СЗО) се ограничени, но до моментов доказите за зголемен ризик за заразување и ризик од потешка инфекција со SARS-CoV-2 вирусот кај трудниците е кај пациентки над 35 години, со индекс на телесна маса (BMI > 30), веќе постоечки коморбидитети, етничка припадност од небела раса и во трет триместар од бременоста. Ризикот за бремените жени се зголемува со промената на соевите на вирусот SARS-CoV-2 и особено е зголемен кај сојот делта.

  1. Во моментов на светско и на европско ниво се спроведуваат истражувања за да се разбере влијанието на инфекцијата ковид-19 врз бремените жени и сѐ уште нема дефинитивни докази дали трудницата може да го пренесе вирусот на фетусот или на бебето за време на бременоста, дали вирусот ја преминува плацентата или, пак, при самото породување. Неколку случаи се рапортирани за можна ин утеро (in utero) инфекција и позитивни плацентарно ткиво или мембрани за SARS-CoV-2.
  2. Бремените жени треба да ги преземаат и да ги почитуваат истите мерки на претпазливост за избегнување на инфекцијата со ковид-19 како и другите луѓе (често миење на рацете, дезинфекција на површини, одржување на дистанца во затворен простор, избегнување на допир на очите, устата, носот). Се разбира, најдобрата превенција е ограничување на контактите и колку што е можно повеќе седење дома, со почитување на препораките при извршување на неодложните прегледи кај нивниот акушер-гинеколог.
  3. При појава на првите симптоми на инфекција со ковид-19, трудниците треба да ги пријават кај надлежните здравствени установи и да ги следат упатствата на локалната здравствена власт. Засега, според информациите на СЗО, кај бремени суспектни за инфекција или кај оние кај кои е изолиран вирусот ковид-19, начинот на породувањето треба да е индивидуален и да се заснова на акушерските индикации за мајката и за плодот. Додека, пак, родилките со инфекција треба да знаат дека можат да дојат доколку сакаат да го прават тоа за своите бебиња, што е од голема важност за нивно напредување. Тоа можат да го прават со одржување на голема респираторна хигиена, миење и дезинфекција на рацете пред и по допирањето на бебето, при доењето мајката да носи заштитна маска, дезинфекција на сите површини што се допираат, со што може да се дои безбедно.
  4. Вакцинација во бременост. Познато е дека вакцината против ковид-19 предизвикува имунолошка тромбоцитопенија и тромбоза на околу 1 на 100.000 вакцинирани, најчесто со „Оксфорд“/„Астра Зенека“, но до моментов нема идентични рецензирани случаи за вакцинирани во тек на бременост (еден случај во Израел/девет месеци после породување).

До моментов според светските статистики се репортирани следниве бројки вакцинирани трудници: во Израел повеќе од 6.000, САД повеќе од 17.500, Шкотска повеќе од 3.600, Канада повеќе од 40.000 и во рецензираните студии не е докажан зголемен ризик од загубени бремености.

Докажано е дека вакцината против ковид-19 не ја преминува плацентата, додека антителата поминуваат во папочната крв и во мајчиното млеко.

Вакцините генерално се безопасни, за претходни вакцини стравовите се докажаа дека се само „стравови“ и нема докажани нус-ефекти кај претходни вакцини во бременост.

Вакцините против ковид-19 се ефективни, страничните ефекти се реални, но ретки и речиси никогаш во бременост. Нема негативен ефект врз фертилитетот, загуба на бременост или врз исходот на бременоста. Светските препораки за тоа која вакцина би била најдобра во бременост доколку има избор се мРНА вакцините („ФајзерБионтек“, „Модерна“).

За крај, само би го цитирала еминентниот професор Венкатеш од САД: „Колебањето за или против вакцинацијата ќе остане дури и после завршувањето на оваа пандемија, и тоа со право!“

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

Чудовиште од мртвачница: Некрофил од Англија извршил над 100 сексуални чинови над мртви тела

Следно

Видео прошетка низ Ист Гејт Мол

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian