Жени, прегрнете си го сопственото тело, тоа е само ваше

3 mins read

Да се биде свесен за сопственото тело е важна работа. Особено кога тоа поминува низ различни фази, се менува, доживува интензивни периоди или едноставно – созрева.

Некои навики за грижа на телото ни се секојдневни, како што се дневните и ноќните креми за лице, или масажа на телото по туширање, кои често ги правиме и механички. Не им ни обрнуваме многу внимание.

Но, некои животни промени кои директно прават и трансформација на женското тело, бараат поинаква нега и посветување. – некаде го прочитав ова и ме замисли, што ли значи промената за една тазе мајка, пример? Јас веќе го поминав тоа, но…

Каква е таа поинаква нега и што значи дека бара нашата кожа?

Кога бев бремена, стриите не ми беа непозната „промена“. Апсолутно ми беше јасно дека ќе ми се случат. Не само затоа што се ширев како балон, туку ги имав и од претходно: или ми се генетски микс вклучително и исхраната која едноставно во текот на животот не ми била секогаш на најздравата страна. Но, она што го забележав како „тренд“ и ми создаваше анксиозност беа сите тие општествено прифатливи коментари дека „леле телото и кожата ќе ти свиснат“ „ќе станеш мека како желе“, „користи си креми, мачкај си ги стриите, стомакот никогаш нема да ти биде ист“.

И да. Кожата не ми е иста. Телото ми е сосема „расклопено“ и по три години. Кремите што ги купив само под притисок на некаков стандард за себеубедување дека стриите се нешто „погрешно“, останаа во ормарчињата, скоро и неупотребени. Секако дека користев креми и од ќерка ми затоа што некогаш од премор, не знаев што е ден, а што е ноќ.  Зошто, се прашувам жените кога се во исчекување на најновиот, најсилниот момент во нивниот живот треба да се грижат за стриите? Па тоа е најмалиот проблем во целата таа новонастаната ситуација!

Негата на кожата не значи опседнатост. Промените се секојдневни, брчките се дел од нашата возраст и сосема е доволно да сме свесни дека кога се случуваат интензивни промени, потребно е време за лицето и телото да се повторно „наши“, да си ги чувствуваме дека си ги сакаме повторно, во сета своја новост.

Мајки, стриите се нешто сосема нормално по породувањето.

Прегрнете си го сопственото тело. Тоа е вашиот дом и домот на сите ваши мисли и без оглед на тоа какви и колку креми ќе користите, нема да биде исто. Тоа тело родило, продуцирало тон хормони, мајчино млеко, солзи, нови чувства и едноставно – грижете се за него без притисоците дека нешто „мора“ да биде поправено. Не ни било расипано – како што вели и познатата авторка Ив Енслер во својата книга „Добро тело“. Ви ја препорачувам.

Извор: www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: „Кралевите“ два пати го матираа Димитриевски

Следно

ВИДЕО: ПСЖ го избегна сценариото на Барселона

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian